Тензичниот натпрервар од Третата фудбалска лига Југозапад помеѓу Сатеска и лидерот на табелата ГФК Охрид Лихнидос што се одигра изминатиот викенд во селото Волино, ќе има трето полувреме, откако главниот судија на мечот Фатмир Бафто, најави дека ќе поднесе тужба против Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески  за физички напад. Тој тврди дека Ногачески кој не бил службено лице на натпреварот, на полувреме при минимално водство на домаќинот, неовлстено влегол на теренот и го нападнал.

Ме фати за врат и почна да упатува навреди и пцовки кон мене и моето семејство, како и закани дека нема да излезам од игралиштето и ред други работи, што не доликуваат на еден градоначалник. Јас ќе поднесам приватна тужба против него. Не сум претепан, но тој не е овластено службено лице и не смееше да влезе во теренот такашто тој ќе си сноси одговорност.– изјави судијата Бафто,

Судијата Бафто за напад го пријавил и службеното лице на домаќинот Стевче Бочески, бидејќи сакал да ги затвори во соблекувалната од стадионот при што интервенирала полицијата.

Градоначалникот Ногачески, демантира дека физички го нападнал судијата. Вели дека лично го пречекал пред мечот и побарал од него единствено фер судење на натпреварот.Тоа според него не се случило, поради што на полувреме од трибините каде го следел мечот влегол на теренот само вербално да му укаже на судијата на пропустите. Тврди дека на натпреварот имало многу заткулисни игри со цел да го добие гостинскиот тим и дека е подготвен да се соочи со правдата.

Очекувам полицијата да постапи по пријавата на господинот Бафто, да ме сослужа и мене, да ги повика сите инволвирани страни. Јас до сега не сум повикн, но потенцирам дека целата вербална расправија се случи на излезот од терен, значи надвор, во присуств на сите службени лица, полицијата и публиката. Сето тоа можеже да се види и да се забележи. – изјави Ногачески.


Натпреварот, кој инаку заврши без победник 1:1, не е официјално регистриран во ФФМ. Делегатот на натпреварот ги нотирал инцидентите, а главниот судија најавил дополнтелен извештај.