Се сеќавам на моето прво одење во кино. Се прикажуваше српски филм, а салата беше преполна, па морав да седам во вториот ред и со прикриен страв да зјапам во големото платно што се издигаше пред мене. Колку беше чудесно сето тоа. Имав само шест години, и премногу се  воодушевував на целата таа ситуација, иако речиси и ништо не разбрав од содржината на филмот, ако ги изоставам експлицитните комични сцени. Но, тука се роди мојата љубов. Чувство кое со текот на времето стануваше се посилно, наспроти големината на кино-салата, чиј живот полека гаснеше.
        
Она што тогаш ме обзеде, остана во мене долго време. Секоја недела јас и сестра ми бевме во кино. Тоа траеше се до средината на моите средношколски денови. Една вечер, кога отидовме, ни кажаа дека нема да има прикажување на филмот. Непријатно се изненадив, но одговорот на вработените беше дека јас и сестра ми сме единствените посетители на тогашното прикажување… Ми се плачеше. Отидовме и следната недела. Имаше филм, но бевме само деветмина во салата. И тоа почна да се повторува уште многу пати. Салата беше празна. Почувствував дека она што исчезна не може да се врати веќе никогаш. Моето традиционално одење во кино, заврши.

Сега сме  далеку од тоа време. Не паметам од кога не сум изгледала некој филм во охридското кино. А и тие проекции кои ги има се ретки или ретко посетени. Ова е време на напредок, па никој не мора да чека со месеци се додека некој хит филм не стигне до нас. Интернет пристап имаме сите и секој може да си го спушти омилениот филм за неколку минути. Ја  имам и јас таа можност, но ги немам старите чувстсва. Ми недостига темната кино-сала со многуте столчиња околу мене, ми недостига шепотот на некои недоволно совесни посетители, грицкањето семки и пуканки, стариот прожектор,  мистичноста на целата атмосфера која придонесуваше  во изградувањето на нашето социјално формирање.

Во денешново време, смешно им е на младите луѓе, на оние кои сега растат и се развиваат, ако им се спомене одење во кино. Но, не само на младите. И другите генерации веќе се свесни за последиците кои ги носи напредната технологија. Брзото темпо на живот, поместените вредности меѓу генерациите, тежнеењето кон новото и непознатото – сето тоа ја става во сенка чистотата на минатото време и на традицијата која умира. На културата на едно живеење. Се прашувам, можеби причината за сето тоа е фактот што живееме во премал град за да може да ги чуваме избалансирано сите вредности ? Или, пак, можеби времето ме прегазило мене? Не. Не верувам дека е така. Многу други фактори се поврзани за оваа тема. Власта е таа која  ја има најголемата одговорност и контрола на културно-општествениот развиток. Искрено се надевам дека нема да дозволи големиот екран  набрзо да стане историја.

Марина Шикова