Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, го продолжил договорот со актуелниот шампион на Шпанија, пренесува шпанскиот медиум „Marca“.

Според истиот извор аргентинскиот стратег годишно ќе заработува по шест милиони евра, што е многу повеќе од досегашните 2,5 милиони евра по сезона.

Со новиот договор кој важи до 2017 година Симеоне стана човекот со најголема плата во Атлетико и еден од шесте најплатени тренери во фудбалскиот свет.

Аргентинецот на клупата на Атлетико седна во 2011 година и успеа да направи вистинска ренесанса во клубот. Атлетико со Симеоне стана шампион на Шпанија минатата сезона, а ги освои трофеите во Купот на Кралот (2013), Суперкупот на Шпанија (2014), односно Лига Европа и Суперкупот на Европа (2012).

„Макфакс“