По релативно лошиот настап на дел од репрезентативците во Валона на Меѓународниот турнир кој е организиран во рамките на проектот Валона-европски град на спортот за 2024 година, охридските стрелци повторно блеснаа во Сандански на меѓународниот Турнир „ЗПГ-2024“ што се одржа од 10 до 12 мај.

Сите девет натпреварувачи кои настапија на Турнирот се закитија со медали, но и два пехари за најдобро пласирани клубови.

Воздушен пиштол јуниорки прво место и нов личен рекорд за Стефани Савеска од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 545 кругови. На втората позиција се пласира Наталија Савеска од истиот клуб со резултат од 530 кругови, кој истотака е нејзин личен рекорд.

Кај јуниорите на пиштол, прво место за Иван Милевски од СК „Охрид“ со резултат од 534 кругови. На вицешампионската позиција во истата категорија се пласира Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 526 кругови.

Големо изненадување кај помладите јуниори (до 15 год) на пиштол ни приреди Никола Тодороски од СК „Охрид“ за кого ова е прв настап на меѓународен план, а сепак освои шампионска титула со резултат од 344 кругови (мала серија).

Нашиот најдобар јуниор на пушка, Христијан Балоски од СК „Охрид“ се пласира на вицешампионската позиција со резултат од 599,5 кругови. Кај јуниорките пак на пушка, Теодора Спироска од истиот клуб се пласира на третата позиција со резултат од 580,1 кругови.

Кај сениорките на пушка Ива Маленко од СК „Охрид“ заврши на вицешампионската позиција со резултат од 589,2 кругови. И кај сениорките на пиштол, Валентина Гоџоска на вицешампионската позиција со резултат од 507 кругови.

Организаторот на натпреварот на клубовите со најмногу освоени поединечни медали им додели пехари, па така СК „Охрид“ се пласира на втората позиција, зад домаќинот СК „Санел“ од Сандански освојувајќи 18 бода. На третата позиција се најде ЖСК „Лихнидос“ со вкупно освоени 11 бода.

До евентуалниот настап на дел од охридските стрелци на „ГРАНД ПРИ НОВИ САД” им преостанува да ги доработат камповите со тренерите од Србија Горан Микец и Алина Себич во организација на МССФ, ИССФ, МОК и ИОК, како и осумнаесеттиот по ред „ГРАНД ПРИ” Скопје кој треба да се одржи на 25-26.05.2024 год.

OhridNews