Нов повик за мерката за стекнување вештини кај познат работодавач е објавен денеска и со него ќе бидат опфатени околу 300 невработени лица. За оваа намена ќе бидат одвоени средства во износ од 6 милиони и 700 илјади денари.

-Станува збор за мерка преку којашто се создаваат можности невработените лица да поминат  тримесечна обука во  реални работни услови за вештините кои се побарувани на пазарот на труд.  За период колку што трае обуката да се стекнат со знаење и компетенции коишто ќе ги направат многу поконкурентни за работните места што им ги нудат и самите  работодавачи  кај коишто се обучуваат, рече заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов.

Очекувањата се најмалку 50 проценти од учесниците во ова мерка, после завршување на обуката да се стекнат со вработување.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека огласот ќе биде отворен се до пополнување на местата и ги повика компаниите кои имаат потреба од работниците, да се пријават.

-Многу е важно сите оние што сакаат да бидат учесници во оваа мерка да бидат мотивирани и подготвени за предизвиците што ги очекуваат и на крајот да ги совладаат техниките за работа за тоа работно место. Се надевам дека со овој оглас ќе ги пополниме местата коишто ги имаме, над 300. Огласот е отворен до пополнување на овие места  со тоа што сите оние компании коишто имаат потреба од работници имаат можност преку којашто можат да обезбедат работници кои им се потребни за работа, рече Поповски.

 

OhridNews