Правилник со кој се дефинира Програмата за подготвување и полагање испит за директори на јавните здравствени установи изготви Министерството за здравство, соопшти вчера министерот за здравство Никола Тодоров.

Според Правилникот, испит ќе треба да полагаат сите кандидати за директори, како и сегашните директори на ЈЗУ, а ќе стапи на сила откако ќе биде потпишан и објавен во Службен весник. Испитот се состои од посебна Програма која ја сочинуваат четири модули. Првиот модул се однесува на јавно здравје, вториот на здравствена економија и економика во здравството, третиот модул ги опфаќа најновите светски искуства од областа на здравствените системи и политики, додека четвртиот ги третира основите на менаџмент, деловна комуникација и управување со човечки ресурси.

„Кандидатот кој успешно го положил испитот за директор пред доделување на уверението за положен испит ќе полага и испит од Програмата за едукација за јавни набавки на Бирото за јавни набавки. Верувам дека на овој начин ќе ги привлечеме најдобрите раководни кадри кои ќе придонесат за подобрување на функционирањето на раководењето со ЈЗУ“, рече Тодоров.

OhridNews
Извор:Макфакс