Породилното отсуство може да се продолжи за 3 месеци, кои мајките ќе можат да ги искористат на различни начини. Предлогот е на Министерството за труд и социјална политика, а за него допрва треба да расправа Економско-социјалниот совет. Новината зад која стои министерот Диме Спасов е содржана во две варијанти – мајките ќе имаат избор дополнителните три месеци да ги искористат веднаш, по истекот на досегашните девет месеци или да ги земат во периодот додека детето наполни три години, пишува „Дневник“.
Како што објави овој медиум, новите три месеци ќе бидат неплатени, но работодавците ќе бидат обврзани да го сочуваат работното место на мајката.
Инаку, продолжувањето на деветмесечното породилно отсуство е еден од предлозите што стручната јавност ги наведуваше како потребни за да се оствари пресврт во загрижувачките демографски состојби во земјава врзани со малата стапка на наталитетот.
OhridNews
извор: „Дневник“