Деновиве на Саемот на книгата во Скопје беше претставена книгата „Песни“ од Владимир Мајаковски во избор и препев на Славе Ѓорѓо Димоски, како трета книга во едицијата „Колоси“ при издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје.

За разлика од досегашните преводи и препеви на овој значаен руски и советски поет, во овој избор се застапени песни од неговиот ран период и песни инспирирани од неговите патувања по Европа, Америка и Мексико. Нема песни кои го врзуваат за неговиот однос кон Октомвриската револуција. Во книгата се вклучени и три поеми: „Облак во панталони“, „‘Рбет – флејта“ и „Љубам“. Поемата „Облак во панталони“ на македонски јазик првпат е преведена во 1970 год. од Слободан Мицковиќ, но во овој препев се дава нова визура на секогаш актуелниот поетски јазик на Мајаковски, што поемата ја прави и денес актуелна, вели Ѓорѓо Димоски.

Кон изборот е додадени и неговата автобиографија „Лично Јас“, како и „Прилози“ подготвени од препејувачот во кои се дава поблиска слика за животот и делото на овој великан.

Во 2021 година во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, во истата едиција „Колоси“ излезе книгата „Песни“ од Сергеј Есенин во која се застапени песни кои дотогаш не биле преведена на македонски јазик, песни од неговата боемска фаза, така што имаме интересни избори од поезијата на двајцата најголеми поетски ривали во руската и советската литература во првите две децении на 20 век.

OhridNews