Репрезентацијата на Нов Зеланд ќе биде вториот противник на Македонија
во групната фаза од предолимпискиот турнир во Каракас. Повредите и
отсуствата на Кирк Пени и Том Аберкромби се главна тема кога се зборува
за настапот во Венецуела, но и без нив, подмладениот Нов Зеланд
амбициозно гледа на квалификацискиот турнир.

Составот, кој на почетокот на минатата деценија ги оствари своите највпечатливи резултати во историјата, со поразот од Австралија во последното финале на Шампионатот на Океанија дојде до квалификацискиот турнир во Венецуела, каде ќе се бори за трет настап на Олимписките игри. Нов Зеланд беше дел од Игрите во 2000 и 2004 година во Сиднеј, односно Атина, победувајќи вкупно на два натпревари, од кои едниот против ривалот во групата во Каракас, Ангола. Трите последователни настапи на Светските првенства (2002, 2006 и 2010) носат искуство кај играчите во поглед на големите натпреварувања, кое селекторот Ненад Вучиниќ, во соработка со локалната легенда Перо Камерон, секако дека ќе се стреми да го искористи при натпреварите во Венецуела.

Нов Зеланд е главно составен од кошаркари кои настапуваат во домашното првенство, а најголемиот проблем за селекторот Вучиниќ, произлезе од повредата на единствениот интернационалец, Кирк Пени. Заедно со Пени, исто така поради повреда, во Венецуела нема да може да игра и стандардниот Том Аберкромби, па Вучиниќ излезе со нешто подмладен состав за предолимпискиот турнир, ставајќи акцент на брзината, агресивноста во играта и шутот. Неколкуте убедливи порази во подготвителниот период предизвикаа многумина прерано да ги отфрлат шансите на Нов Зеланд за пласман во Лондон, но тие натпревари промовираа и неколкумина млади играчи, кои својата шанса за наметнување ја гледаат токму во Каракас. Таи Вебстер и Роберт Ло од помладите, заедно со Мика Вукона, Алекс Пледџер и Линдзи Таит ќе бидат ударната сила на „Кивите“.

Македонската репрезентација минатото лето имаше можност да се сретне со Нов Зеланд во пријателски меч од подготовките за ЕП во Литванија. На натпреварот во Скопје, во изедначена завршница, нашата репрезентација славеше, освојувајќи го турнирот „Трофеј Македонија“. Земјата, која е позната низ светот по перформансот на спортистите пред секој натпревар изведувајќи го популарниот танц „Хака“, е слободна на првиот ден од турнирот. На 3 јули игра со репрезентацијата на Македонија, додека на 4 јули се среќава со Ангола.