Oтворена првата Виа ферата, односно безбедна патека за алпинистичко искачување на карпа со помагала во НП „Галичица“ која претставува атрактивна нова содржина и комплетно нов производ во туристичката понуда на Охрид.
Антонио Додевски од Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ вели дека се воведува една нова содржина за посетителите, која е многу атрактивна во светот и Европа, со надеж дека за брзо време овој предел ќе биде многу посетен.
Станува збор за алпинистичка насока обезбедена со опрема да можат да ја качуваат рекреативци, луѓе со авантуристички дух, со одредени физички способности, не мора да имаат познавање сериозно од техники на искачување, бидејќи се поставени скали. Сите кои ќе сакаат да уживаат во авантурите на планина особено во НП, да дојдат да го пробаат ова искуство. Виа фератата е долга 500 метри, но има три излези од истата така што сите кои физички нема да можат да го издржат целиот напор, многу едноставно можат по безбедна патека да го напуштат качувањето во извесен дел. НП е еден од ретките примери кој прави напори да им овозможи на сите корисници, рекреативци да уживаат на свој начин во паркот, вели Додевски.

Иако самата техничка работа траеше само два месеци проектот се реализира во период од скоро две години бидејќи првично требаше да го почекаме Планот за управување со НП, бидејќи оваа зона која и понатаму ќе продолжиме да ја развиваме е предвидена за авантуристичка зона со новиот план. Овде во иднина ќе има и многу други содржини. Покрај планот потребна беше и согласнот од Министерство за животна средина. Административно траеше процесот. Виа фератата е изработена согласно сите прописи и меѓународниот стандард за изработка на ваков тип. Фератата е нова туристичка понуда и се надеваме една од поатрактивните содржини во паркот. Во преговори сме за потпишување на тригодишен договор со ПОНТ, за развивање на оваа зона со проширување на содржините, ставање во функција на прв планинарски дом во високата зона на паркот. Се движиме кон комплетирање на понудата за што повеќе и подолго да ги задржиме туристите на територијата на паркот, додава Додевски.
Нова авантуристичка понуда во НП „Галичица“, отворена првата Виа ферата
За почетоците на фератата, Додевски, ќе рече дека во минатото во Европа во алпските предели во одредени населени места на луѓето им било многу комплицирано да ги обавуваат секојдневните обврски и уште пред некаде 200 и повеќе години почнале да поставуваат посебна опрема, скали, помошни јажиња за да можат да ги поминат тие препреки. Особено стануваат користени во периодот на Првата светска војна, кога австриската и италијанската војска напредуваат совладувајќи големи карпести ѕидови поставувајќи голем број на реквизити.
Оттаму доаѓа и името виа ферата која значи железен пат односно поставување на опрема за полесно поминување низ карпите. Веќе последните 30-40 години станува многу популарна во туризмот од туристички аспект. Сите виа ферати од првата светска војна на Алпите и Доломитите се реконструирани. Таму има Виа ферати кои се искачуваат и по неколку денови од еден дом до друг движејќи се по истите. Оттаму популарноста е пренесена скоро насекаде во светот и денес се прават специјални наменски Виа ферати за туристичка експлоатација како и оваа овде во НП Галичица, додава Додевски.

Покрај можноста да ги видат природните убавини, вредностите биолошки и да се рекреираат посетителите, целта е и да се обезбедат услови за подигнување на јавната свест преку различни типови на едукативни активности. Со оваа ферата постигната е една од целите на Паркот која е зацртана во сите стратешки оперативни документи, услови за подобрена рекреација во НП, при што посетителите ќе имаат можност да видат дел од природните убавини, но и да се чувствуваат безбедно, бидејќи се реализира и во соработка со АК „Патагонија и ПСС Охрид. Убеден сум дека во иднина Паркот ќе биде се попосетен и попосетен, што од друга страна ќе придонесе и за подигнување на јавната свест за потребата од заштита на вредностите за сегашните и идни генерации. Надежта е дека патот по кој е тргната јавната установа ќе продолжи да го оди успешно и ќе помогнеме во зачувување на природните вредности на Паркот, ќе го направиме подрачјето атрактивно за посетители со што ќе ги помогнеме и локалната заедница и локалната економија, вели Бојаџи.
Доаѓањето на ПОНТ и нивнатата финансиска поддршка во оперативното работење на паркот придонесе Паркот во последните неколку години да ги постигне целите кои се пред установата поставени, а притоа да не е на штета на ресурсите кои Паркот ги поседува. Заради ограничениот капацитет кој го имаме заради околностите во кои функционираме многу значајно за Пракот е воспостовавување на партнерства и соработки со различни институции, додава Бојаџи.
Миријам Де Конинг, претставник од ПОНТ вели дека и покрај периодот потребен за бирократските работи сепак преовладаа оптимизмот, желбата и визијата да се постигне зацртаното.
Пред неколку години имавме грант за АК „Патагонија“ да ја направи Виа ферата, како прва во НП Галичица како дел од авантуристичкиот дел од паркот, со цел да се привлечат повеќе туристи во паркот, но и да ги тргнеме туристите од јадро зоната. Имаше многу бирократски работи кои требаше да се заваршат, но постоеше голем желба и визија која се реализира. Ова е прв чекор од соработката на „Патагонија“ и ПОНТ, додаде Де Конинг.
Името на првата Виа Ферата во Националниот парк „Галичица“ е „Доброја“, локален назив за растението Питома Фоја (Juniperus foedissima), која е особено карактеристична за повисоките делови од Националниот Парк. Името, доаѓа од еден интересен примерок на ова растение, кое посетителите имаат можност да го видат веднаш покрај самата линија на фератата.
Инаку, фератата ја изработи Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ Охрид со финансиска поддршка од ПОНТ.
Н.С.Ј.



















