Светската фудбалска федерација (ФИФА) во текот на овој месец најверојатно ќе смени едно правило и ќе им овозможи на екипите четврта измена, која ќе може да биде направена само доколку натпреварот се решава во продолженијата.


Доколку овој предлог го одобри Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации на состанокот кој ќе се одржи на 28.февруари, правилото за четврта измена би можеле да започне да се применува веќе од јули годинава.

Замислата на ФИФА е со воведувањето на уште една измена во продолженијата да им помогне на екипите да се изборат со заморот и евентуални повреди, а истиот е поддржан и од селекторот на светскиот првак Германија, Јоаким Лев.

Исто така Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации ќе расправа и за воведување на видео снимки со кои би се разгледувале судиските одлуки, како и можноста во младинскиот фудбал црвениот картон да биде заменет со неколкуминутно исклучување на фудбалерот.

„Макфакс“