Фондот за здравствено осигурување денес информира за првата електронска услуга од сетот на нови електронски услуги, која се однесува на осигурениците кои користат ортопедски помагала.

– Со оваа нова електронска услуга – електронска заверка за ортопедско помагало, осигурениците нема потреба да доаѓаат во подрачните служби во ФЗОМ и да чекаат на шалтери, бидејќи специјалистот и матичниот лекар ќе може да ја издаваат и заверуваат потврдата од ординација, односно од нивното работно место. За остварување на ова право во 2015 година се направени 145.000 заверки на потврди за ортопедски помагала, што значи 145 илјади луѓе дошле во Фондот за здравствено осигурување. Од 1.2.2016 година, за сите овие осигуреници, овие услуги ќе биде достапни и по електронски пат и нема да има потреба да доаѓаат во подрачните служби на Фондот, велат од фондот.

На товар на Фондот се одобруваат вкупно 355 типови оротопедски помагала, односно 1373 помагала од различни производители. Сите ортопедски помагала, за кои не треба одобрување од лекарската комисија, осигурениците од 01 февруари 2016 година ќе може директно да им ги заверува матичниот, односно лекарот специјалист. Истата потврда по направената заверка станува достапна за ортопедските куќи и со заверената потврда осигурениците одат во ортопедската куќа која сами ја избираат и веднаш го подигнуваат помагалото.

Заверената потврда ги содржи сите потребни информации за осигуреникот, односно информации за порачување и испорака на помагалото, цената на помагалото и за партиципацијата доколку ја има. Потврдата содржи  и информации за ортопедските куќи кои имаат договор со Фондот, со цел осигуреникот сам да избере која ортопедска куќа за него е најдобра.

Со оваа новина се опфаќаат следнит епомагал. Од групата на очни помагала – сите видови на помагала од оваа група (очила, очила со бифокални стакла, очила со темни бифокални стакла, контактни леќи, очни призми со бифокални стакла, очни протези). Од групата на слушни помагала –  сите видови на задушни слушни апарати и канални слушни апарати. Од групата помагала за одржување на глас и говор – сите видови помагала од оваа група. Од групата на заботехнички и забнопротетички средства – сите видови помагала од оваа група.

OhridNews