Со запишувањето и пријавувањето во прва година од академската 2013/2014  на трите државни универзитети во земјава, уште една генерација матуранти ќе го напушти Охрид на подолг временски период.

Најатрактивни факултетит за охридските матуранти се оние во главниот град на земјава, а голем дел од нив своето образование ќе го продолжат на Економскиот, Правниот, Медицинскиот, Филолошкиот, Архитектонскиот и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Образованието ќе го продолжам на Економскиот факултет во Скопје, бидејќи сметам дека знаењето кое ќе го стекнам таму е далеку поквалитетно од дисперзираните студии во помалите градови. Можеби конкуренцијата е огромна, но тоа значи мотив плус и стекнување на додатни вештини кои секако ќе бидат од корист во понатамошниот дел од една професионална кариера.“ – вели охридска матурантка, која заедно со уште многу нејзини соученички ќе го продолжат образовниот процес далеку од родниот крај.

Најчесто студентите кои престојуваат во Скопје се сместуваат во некои од државните студентски домови, додека други сметаат дека условите во индивидуалните станови и куќи се далеку подобри, но со „посолена“ цена.

Цените за трокреветна соба во некои од државните студентски домови варира од 3500 денари нагоре, но условите во некои од нив се доста лоши и руинирани. Можеби е ефтино, со оглед на тоа што цените на становите на месечно ниво се движат од 9000 денари, не вклучувајќи ги сметките за вода, струја, храна и она најосновното. Но кога би имала шанса да изберам, би се одлучила за стан. Приватноста е поголема, а хигиената во секој случај на повисоко ниво.“ – вели наша сограѓанка, која веќе четврта година аплицира за сместување во еден државните домови во Скопје.

Сепак, добар дел од охридските матуранти се одлучуваат да останат во родниот крај, запишувајќи се на некои од смеровите на Факултетот за туризам и угостителство, односно Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.

Има доста примамливи смерови кои се од нашата струка на Факултетот за туризам и угостителство. Знаеме дека располагаат со одличен стручен кадар, а оние кои завршиле се подготвени да излезат припремени на пазарот на трудот. Затоа се одлучив токму тука да ги стекнам знаењата, со кои се надевам дека за четири години позитивни ќе доприенсам на родниот Охрид.“ – вели матурант од ДУТУ „Ванчо Питошески“ Охрид.

Дали оваа нова генерација матуранти ќе ги следи стапките на своите претходници и трајно ќе се исели од Охрид во барање на подобар живот или пак стекнатото знаење ќе го искористи во родниот крај, ќе покаже времето.

O.T.