Новата година традиционално ја дочекавме со желби за добро здравје, успех среќа и подобар живот. Многу од од ова зависи од нас самите. Но, за нешто да биде подобро, за почеток, потребни се промени, како во размислувањето, така и во однесувањето. А некои навики, за жал, кај нас тешко се менуваат. Еве и два свежи примери од новата година, како пресликани од ланската.

Вчера сред бел ден некој истурил неизгаснат огревен материјал во пластичен контејнер на улица „Димитар Влахов“.  Пожар и уништување на уште еден контејнер во градот, спречија околните дуќанџии.

Сообраќајната култура се учи од најмали нозе. Ама тоа во многу зависи од родителите. Иако пешачкиот премин на булеварот „Туристичка“ кај „Охридска банка“ одамна е затворен и заграден со железна и бетонска ограда, очигледно тоа не им пречи на несовесни граѓани неправилно да ја преминуваат најфрекфентната сообраќајница во градот, изложувајќи го на голем ризик својот и животот на сопствените деца.

Очигледно дека и во Новата година некои стари навики кај нас тешко ќе се променат. Се додека е така, желбите за подобар и пред се поквалитетн живот, ќе останат само желби.

Г.М.