Под мотото „Чисто е убаво – Селектирај“, Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ со поддршка од Шведска преку SALAR International и проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“ ја започнуваат новата иницијатива за селекција на отпад во туристичкиот и угостителскиот сектор.
„Чисто е убаво!“ претставува нова платформа за соработка меѓу институциите, хотелите, угостителските објекти, маркетите, туристите, граѓаните и граѓанските организации, со една заедничка цел: почист и поубав Охрид. Иницијативата започнува со група девет пилот-партнери, меѓу кои се хотелите „Турист“, „Белви“, „Метропол“, „Конгресен центар“, „Белведере“,„Пела“, „Тино – Св. Стефан“, „Гранит“, “Гарден”, маркетот „Рамстор“, како и основните и средни училишта како дел од програмата “Училишта без пластика”, велат од Општината и ЈП „Охридски Комуналец“.
Во следните месеци, посочуваат, дека Општината и Ј.П.„Охридски Комуналец“ ќе ја прошират мрежата на партнери со цел до почетокот на туристичката сезона 2026 година значаен дел од градот да биде целосно подготвен со воспоставени системи за правилно управување со отпад.
Хотелите и компаниите, велат, кои се веќе дел од платформата поставуваат канти за селекција, обучуваат персонал и се подготвуваат за активности за информирање на гостите за придобивките од селекцијата. Во рамки на иницијативата во соработка со маркетот „Рамстор” се планира и специјална локација за одлагање селектиран отпад кое ќе го намали количеството отпад во центарот на градот.
Оваа иницијатива покажува дека туризмот и одржливоста можат да одат рака под рака. Со заеднички напори можеме да создадеме град кој не само што привлекува туристи, туку и се грижи за своето природно и културно наследство, потенцираат од Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“.
Целта на иницијативата, додаваат, е едноставна – преку правилна селекција да се зголеми ефикасноста во собирањето на отпадот, да се намали количината на мешан отпад и да се овозможи што е можно повеќе рециклирање.
На тој начин од една страна градот станува почист и попривлечен за жителите и посетителите, а од друга намалуваат оперативните трошоци за управување со отпад. Во овој контекст од SALAR International истакнуваат дека Охрид служи како пример за тоа како локалните заедници можат да создадат вистинска промена преку заедничка акција. Во подготвителниот период, Општина Охрид и Ј.П.„Охридски Комуналец“ ќе спроведуваат информативна и едукативна кампања на социјалните медиуми, а во соработка со повеќе основни училишта од градот – учесници во едукативната програма на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, ќе спроведат и серија јавни и едукативни активности насочени кон граѓаните.
Преку игра и практични интерактивни примери, велат, овие настани се очекува да поттикнат поголема свесност и активно учество на Охриѓани во процесот на селекција и одговорно управување со отпад. Настаните ќе се одржуваат на јавни локации каде децата, наставниците и волонтерите ќе демонстрираат едноставни, секојдневни чекори за почист град, покажувајќи дека промената започнува токму од заедницата.
Организаторите ги повикуваат и останатите хотели, компании, граѓани и организации да се приклучат кон иницијативата и да помогнат во создавање на поубав и почист Охрид.
OhridNews













