Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против 49-годишна стружанка, за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување во обид”.

Како што информираат од МВР, пријавената, како шеф на комерција и претседател на Комисијата за јавни набавки во ЈЗУ Општа болница-Охрид, објавила тендер за јавна набавка на услуги за сервисирање на медицинска опрема во износ од 6.000.000 денари, и покрај тоа што во годишниот план за јавна набавка за 2017 година за таа намена била предвидена сума од 3.000.000 денари.

По ова, комисијата за дисциплински постапки предложила прекинување на тендерската постапка, при што пријавената, пред одржување на седница на комисијата, од нејзинот приватен компјутер, без потребната согласност од управниот одбор, ја стопирала-поништила тендерската постапка. Со ова пријавената се обидела, на ЈЗУ Општа болница-Охрид, да и нанесе материјална штета од 3.000.000 денари.

OhridNews