Фондот за здравствено осигурување утврди нова распределба на квотите за лекови за аптеките со кои Фондот има склучен договор, што ќе стапи на сила од 01.01.2019 година. Со тоа, најголемиот број од аптеките, односно околу 500 аптеки од вкупно 778 аптеки со кои Фондот има склучен договор, од 01.01.2019 година ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за околу 20.000 денари месечно по аптека.

  • Сакаме да нагласиме дека сега со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување на лекови на целата територијата на Република Македонија, што не беше случај претходно, бидејќи заради начинот на распределба на квотите во претходните години настанале и големи разлики во висината на износите на квотите на аптеките, а едно правно лице добивало и за 40 насто поголема месечна квота од просечната квота на сите останати аптеки во Република Македонија, велат од ФЗОМ.

Оттаму, додаваат дека сега осигурениците ќе имаат подобра достапност до лековите во текот на целиот месец во аптеките во близина на нивното место на живеење.

Предвиден е минимален износ по глава на жител, односно по осигуреник, по подрачна едниница на Фондот, насекаде во државава. Целта е во наредните две до три години да се изедначат буџетите по подрачна едниница мерено по глава на жител кои досега во некои случаи покажуваа значителни разлики. За аптеките се утврдува максимален износ на квота од 650 000 денари по аптека.

Со новата распределба едно правно лице со две или повеќе аптеки не може да има вкупна квота која е поголема од 10 проценти од вкупниот месечен буџет на Фондот наменет за лекови на рецепт на ниво на цела држава. Досега само едно правно лице располагаше дури со приближно 20 проценти од буџетот за лекови на  товар на Фондот. Со овој потег се намалува можноста за стекнување и одржување доминантна позиција на пазарот и се подобрува конкуренцијата, а на средните и малите аптеки им се овозможува порамноправни правила на игра.

Фондот ги поттикнува аптеките да издаваат повеќе лекови без доплата, односно аптеките со квотите треба да издаваат наjмалку 20 проценти лекови за кои осигурениците не треба да доплаќаат од нивните лични финансии освен задолжителната партиципација.

За граѓаните да не бидат препраќани од аптека во аптека, се воведува можност едно правно лице со повеќе аптеки да може да ја искористува квотата во сите негови аптеки во ист град, односно подрачна единица на Фондот. Два пати годишно ќе се врши  порамнување на квотите, во јули и во декември во календарската година. За да нема тактизирање од аптеките, се воведува фиксна маржа од вкупната месечна квота по аптека. Со тоа се укинува досегашниот скалест систем кој ги дестимулираше аптеките да издаваат поскап лек, а ги стимулираше да издаваат лекови со пониска вредност.

Во интерес на граѓаните кои живеат во тешко достапни и поодалечени села, Фондот воведува и можност за субвенција на аптеките кои што обезбедуваат лекови за тамошните жители, како директна поддршка за опстојување на аптеките и во такви места, што е од општествен и јавен здравствен интерес.

Во почетокот на 2019 година, Фондот ќе распредели дополнителни, најмалку околу 120 милиони денари за лекови на товар на Фондот, со што ќе се зголеми вкупниот буџет за лекови од 2 милијарди и 900 милиони денари за 2018 на најмалку три милијарди и дваесет милиони денари. Тоа значи дека секоја аптека во просек може да очекува повторно зголемување на месечната квота за нови, дополнителни 20 000 денари во почетокот на Новата 2019 година.

OhridNews