Во Атина денеска се одржа нова рунда разговори за мерките за градење доверба меѓу претставниците на Македонија и Грција, со што се продолжува дијалогот за зајакнување на меѓусебната соработка во повеќе различни сектори за приближување на двете општества.

Според грчкото министерство за надворешни работи, на оваа рунда разговори се разговарало за соработка во транспортниот и во енергетскиот сектор, начини за зајакнување на полициската соработка и за соработката во европските програми.

Од грчката дипломатија додаваат дека двете страни се фокусирале на идеи за нови бизнис-соработки, но и на можности за академска соработка, цивилна заштита, соработка меѓу јавната администрација, здравствениот сектор. Се разговарало и за соработка меѓу дипломатските академии на Македонија и на Грција.

Разговорите се одржале во пријателска и конструктивна атмосфера, а двете страни се договориле следниот состанок за мерките за градење доверба да се одржи во Скопје, на почетокот од септември.

OhridNews
Извор: „Макфакс“