Утре, во 20 часот, во охридскиот Народен театар, публиката ќе има можност да проследи една нова, интересна форма која до сега не е видена на овие простори, театарска импровизација насловена како „Импровокација“.

Станува збор за ко-продукциски проект помеѓу НУЦК „Григор Прличев“ и тројцата професионални актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски.

Секое излегување на катерите пред публиката ќе биде нова премиера. Ќе има интеракција меѓу нив и публиката, не е ништо смислено и практично целата приказна е отворена. Па така може да се види нивната способност заедно со публиката, на сцена, да создадат една претстава. Ова е вид на кабаретски спектакл кој ќе се прикажува секоја недела, добра театарска забава која однапред не е смислена, вели раководителот на театарот, Горан Стојаноски.

Актерот Стрезо Стаматовски објаснува дека театарската импровизација како форма е стара онолку колку што е и театарот. Најповеќе прифатена и доработена е во Америка, во форма на шоу, а во Европа се изведува во Австрија.

Ликовите, дејството, заплетот, расплетот, околностите се случуваат точно на сцената, не се измислени претходно, нема текст, нема сценарио, актерите на сцена градат една фузија заедно со публиката за да постигнат една театарска сцена. Одредени задачи и игри актерите и поставуваат на публиката, а таа дава сугестии како треба да се изигра. Затоа, театарската импровизација нема премиера, секоја претстава е премиерно изведена и сцената кога еднаш ќе се игра нема да се повтори, објаснува Стаматовски.

За една театарска импровизација да биде успешна, актерите потенцираат дека се потребни добри идеи, добри актери и добра публика.

За почеток во публиката ќе има 80 луѓе, се игра на адаптираната сцена во подрумските простории, бидејќи потребна ни е таа директна комуникација со публиката што во голема сала засега е невозможно. Ова е претстава која долго ќе трае на репертоарот на театарот, вели актерот Никола Тодороски.

Целта е да создадеме една атмосфера кај публиката која ќе може да си дозволи да е доволно опуштена за да ни даде насоки во поглед на она што го бараме. Секоја игра има свои рамки и правила, но суштината и темата треба да произлезат од публиката, додава актерот Филип Кипровски.

„Импровокација“ ќе трае најмалку 60 минути, но може да трае и 2 часа зависно од расположението на публиката. Цената на билетите во предпродажба е 150 денари, на денот на изведба е 200 денари.

Т.К.