Од охридскиот Народен театар за утре, 8- ми март, најавуваат нова премиера „Писма од земјата“. Станува збор за авторско дело на актерот Никола Тодороски, моно-спектакл или сатирична турболенција во која Тодороски го толкува ликот на Лудиот Филозоф- Будалата.
– Основната појдовна точка на претставата која е работена според раскази од Марк Твен, кои јас се обидов да ги драматизирам е една сатирична турболенција која зборува за сите оние горчливи нешта кои постојат во општеството, прикажани на еден сатиричен начин. Ликот на лудиот филозоф ја соочува публиката да се напие од горката чаша на се она што не опкружува во општеството и при тоа згрозена да плукне на сите тие работи, да се насмее и насмевнувајќи да се присети дека може да биде и полошо, вели актерот Тодороски.
Ова е прв театарски проект на Никола Тодороски од ваков тип во кој тој се јавува како главен лик и режисер, автор на сонговите и сценарист.
– Долго време ми беше провокативно жанровски да работам нешто вакво, поразлично од досегашното. Дизајнот на костимот кој е специфичен е изработен во соработка со Ромина Стефанова Рашити. Успеавме да создадеме интересен лик кој е водечки. Се надевам дека претставата ќе биде интересна и провокативна, додава Тодороски.
Премиерно претставата ќе биде изведена утре со почеток во 20 часот на малата сцена на Центарот за култура, а репризно ќе биде изведена на 19-ти март. На 15-ти мај ќе има можност да ја види и публиката во Софија- Бугарија.
Билетите за претставата веќе се во продажба и утре, до 18 часот, по цена од 150 денари можат да се набават во музичката продавница ЗЗ Топ, а пред почетокот на претставата и на билетарницата при Центарот за култура.
Т.К.