Новиот трет инвестициски циклус на „Костал Македонија“ кој се планира да започне од јули годинава и да трае до крајот на 2026 година, ќе значи дополнителни вложувања од 50 милиони евра само во опрема и технологија. Истиот предвидува отворање на нови производтсвени линии и нови работни места.

Овде не значи доградба на објекти или некаков друг вид на структура, туку чисто технологија и нови производствени линии и во овие линии креирање на минимум 300 дополнителни работни места во тој временски период, истакна на денешната прес конференција директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо по средбата со главниот оператвивен директор на „Костал аутомотив“ и претседател на „Костал“ за Европа Хансјоерг Херман и извршниот потпретседател за човечки ресурси во групацијата, Кристијан Клајн.

Потенцираше дека од гледна точка на технологијата тука се подразбираат најновите системи за хибридни електрични возила на Фолксваген групацијата, што значи Фолксваген, Ауди, Шкода и Сеат системи ексклузивно за глобалното производство на Фолксваген ќе се произведуваат токму овде во Охрид.

Ова е нова понапредна технологија од постоечката која ја имаме. Ова ќе биде нов систем за 11 киловатни системи. Истовремено ќе имаме и нови кровни модули за Мерцедес групацијата, што значи дека сето тоа што е од А и Б класа Мерцедес на ниското ниво, до С класа Мерцедес вклучувајќи ги и електричните возила на Мерцедес, кровните модули ќе се произведуваат тука. И најновата SkinTec технологија со која што во иднина сето тоа што ќе постои во возилата ќе бидат самоповршини каде ќе нема копчиња, туку сето тоа што ќе се контролира ќе биде на допир и тоа е специјална технологија која ќе се користи во машини што се за вбризгување на пластика и на кој начин таа технологија ќе биде имплементирана во овдешните погони на „Костал“, додаде Мизо.

Според тоа што го покажале и плановите се дека од минатогодишните околу 100 милиона годишен обрт  планираат до крајот на оваа декада да стигнат со обрт од над 550 милиони евра, што би  значело раст за повеќе од пет пати.

И тоа значи дека со овие дополнителни технологии најголем дел од новите вработувања нема да бидат само од луѓе кои ќе работат на производна линија, туку и вработување на инженери, техничари. Во блиска иднина планираме да имаме и дополнителен центар за развој, за креирање на производните линии, што значи она што е за оптимизирање на начинот на кои тие производни линии ќе се сетираат не само тука во нашите локации, туку и во нашите други сестрински фабрики во светот, истакна Мизо.

Одговарајќи на новинарско прашање во поглед на поддршката која ја добиваат од државата Мизо вели дека во одреден дел имаат добиено поддршка, додека има и работи кои треба да се подобрат.

Овде сме на една специфична локација, која не е слободна еконосмка зона, но ова е индустриска зона која е под ингеренции на државата. Можам да кажам дека за некои работи не само во име на „Костал“, туку и во име на странските компании имаме добиено поддршка за усогласување на царинските стапки, адаптирање на целиот овој процес на државна помош и регионалниот пристап на државната помош, вели Мизо.

Од друга страна, додава, постојат некои работи кои смета дека треба да се подобрат, напоменувајќи го  целиот процес на поддршка на постоечки инвеститори, што се видело и во анкетата која била спроведена кон крајот на минатата година од страна на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Поддршката на постоечките инвеститори беше истакната како една од активностите каде се очекува подобра и подлабинска поддршка од страна на институциите на државата, потоа усогласување и изедначување на условите за третман на што е оправдан инвестициски трошок од сите даватели на државна помош. Тоа е неопходно бидејќи сите компании треба да играме по исти правила и истовремено исполнување на инфраструктурните обврски, тоа што значи навремено исполнување на обврските кои се преземени од институциите, бидејќи тоа дирекно влијае не само на конкуретноста, туку и на перцепцијата на компанијата. Ако ние инвестираме и креираме работни места побрзо од планираното и договореното очекуваме барем од другата страна да бидат исполнети работите а не да има пречекорување на истите, додаде Мизо.

Н.С.Ј./Г.М.

фото. Б. Стојаноски