Со двата капитални проекти на МЕПСО – нов 400 киловолтен далекувод што ќе ги поврзува електропреносните системи на Република Северна Македонија и на Република Албанија, и новата 400/100 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид, вредни 35 милиони евра, со поддршка на Европската банка за обнова и развој, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски во своето обраќање на настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Република Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Република Хрватска, за изведба на овие проекти.

Тоа значи, рече премиерот Спасовски, дека електро-енергетските преносни системи, наведените земји ќе бидат поврзани и ќе се стекнат со можност да се надополнуваат едни со други секогаш кога за тоа ќе има потреба.

На настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Република Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Република Хрватска за изведба на овие проекти, беше нагласено дека со овие инвестиции се подига степенот на стабилноста на електроенергетските системи за подобра продуктивност што е од интерес за домашните и странските инвеститори кои имаат придонес во растот на економијата.

Ohridnews