Еден од главните приоритети на новата градска власт ќе биде искористување на капацитетите на македонската дипломатија за реализација на меѓународни проекти кои ќе креираат локален развој. За ова меѓу другото се разговарало на средбата помеѓу новоизбраниот градоначалник Никола Бакрачески и министерот за надворешени работи на Република Македонија Никола Попоски, што се одржа денеска во х. „Инекс Горица“ во Охрид.


-Целта на оваа средба беше да го запознаеме министерот со нашата програма и нашите проекти во делот на интензивирање и унапредување на меѓународната соработка на градот Охрид, односно на локланата самоуправа, како и за можностите за подобра координација помеѓу оптината и нашите конзуларни претставништва во странство, со цел да направиме еден исчекор во тој поглед за забележително подобрување на промоцијата на Охрид надвор од државата, како и за реализација на проекти за привлекување на странски инвестиции и развој на здравствениот туризам, за што очекуваме поддршка од кадрите на министерството за надворешни работи.-истакна Бакрачески по средбата со министерот Попоски, на која присуствуваа членови на идниот совет од владејачката коалиција и кандидатот за градоначалник на општина Дебрца Игор Трајкоски.


Охрид нуди многу, но таа понуда може да биде поефикасна, рече по средбата министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој истакна дека веќе подолг период Македонија води национална кампања за запознавање на странските потенцијални посетители со тоа што е Македонија, каде се наоѓа и што може да понуди, но според него, успешноста  во многу ќе зависи од тоа колку ќе успееме да изградиме локален бренд.

-Промоцијата на Охрид во светот  во многу ќе зависи од тоа колку ни е квалитетна понудата на локално ниво, колку успешен ќе ни биде брендот на Охрид, Охридското Езеро и руралната средина околу Охрид, и што е она што ќе го шири позитивниот глас во светот.-рече Попоски.


Посебен акцент на средбата бил ставен на можноста за реализација на проекти со средства од фондовите на ЕУ, кои одредени општини и помали од Охрид исклучително добро ги користат.

Охридскиот регион е крајграничен. Во  рамки на ЕУ постојат многу можности за поттикнување на прекугранични проекти. Сметаме дека тука има голем простор за подобрување и дека треба да бидеме многу попроактивни за реализација на такви проекти, што би значело додадена вредност и на национално ниво исто така. Мислам дека во тој дел ќе треба да се фокусираме колку на туристичката понуда, толку и во делот на инфраструктурата и руралниот развој, работи кои се значајни на европско ниво и за кои многу лесно можеме да промовираме проекти во идниот период.-рече министестерот Попоски.

Тој истакна дека подобрувањето на инфраструктурата е еден од клучните сегменти на кој се обраќа посебно внимание, посочувајќи дека владата прави интензивни напори за изградба на стратешките сообраќајници во државата, како што е коридорот 8, за кој се разгледуваат моделите на реализација и идно управување.

Г.М.