Нови три директни авио линии на компанијата „Визер“ од Скопје до Берлин, Братислава и Копенхаген ќе стартуваат кон крајот на месец март, информираа вчера од Владата на Република Македонија.

Со ова листата на евтини директни авио линии од Скопје до светските центри се зголемува на 23 дестинации, кои освен за македонските граѓани, достапни се и за странските туристи, за значително поевтини цени.

Како што велат од Владата, придобивките од овој проект се видливи од повеќе аспекти, односно со воведувањето на овие евтини авио линии директно се овозможи зголемување на мобилноста за граѓаните на Македонија. Истовремено преку овие евтини авио линии се овозможи дополнителен значителен раст и зголемување на бројот на странските туристи во нашата држава, пред се од државите од кои се воведени овие летови. Тоа претставува исклучително значаен момент како од аспект на  развојот на туризмот така и од аспект домашната економија односно бенефит за околу 20 стопански гранки кои директно или индиректно се поврзани со туризмот.

Во моментов од Скопје со евтини авио летови може да се патува до 20 европски дестинации меѓу кои и до Келн, Дортмунд, Ајндховен, Гетеборг, Милано, Париз, Венеција, Стокхолм и други.

OhridNews