Во рамки на одбележувањето на двојниот јубилеј -185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев, во организација на општина Охрид и НУ Библиотека „Григор Прличев“, денес, се одржа предавање на кое беа изнесени нови факти за животот и делото на познатиот македонски преродбеник, охриѓанецот Кузман Шапкарев.

За неговото дело зборуваа професорката Татјана Дурнева и проф. д-р Томе Груевски. Одбрани делови од неговото богатото собирачко дело на народни умотворби, презентираа Елена Кецкароска и Петар Лекоски од ОСУ „ Св. Климент Охридски“.

  • Првите запишани наши народни умотворби датираат од 14 век, но периодот на романтизмот и културната преродба  во Македонија, во 19 век, е период на најголема  ангажираност на нашите културни работници  во собирањето и објавувањето на  нашето народно творештво. Собирачката дејност на Кузман Шапкарев  траела околу три децении.Собирал најмногу македонски народни умотворби , но и од другите балкански народи– рече професорката Татјана Дурнева. Таа појасни дека покрај собирањето и публикувањето на народните умотвори  големиот Шапкарев во нив имал редакторски и стилизаторски  зафати, со што се вредуваат во почетоците на македонизмот.

  • Со своите журналистички текстови по нивната бројност и значење Шапкарев е на рангот на Рајко Жинзифов и Јордан Константинов-Џинот. Припаѓа на генерацијата  на Константин и Димитар Миладинов, Партенија Зографски, Григор Прличев, Ѓорѓија Пулески, Марко Цепенков, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов, Ѓорче Петров и други наши предбеници- истакна проф. д-р Томе Груевски, притоа соопштувајќи досега непознати поединости за богатата журналистичка дејност на Шапкарев.

Вечерва, во рамките на манифестацијата, во НУ Библиотека „ Григор Прличев“ , со почеток во 18 часот, по повод  60 години живот и 40 години од излегувањето на првата книга „ Гравири“ од Славе Ѓорѓо Димоски , ќе биде промовирано дополнетото изание на неговиот поетски првенец.

OhridNews