„Од април 2014 година, ќе има два воздухоплови во базата на Визер на скопскиот аеродром со којшто оперира ТАВ Македонија. На списокот на дестинации ќе бидат додадени Брисел, Париз и Франкфурт со што вкупниот број на дестинации со Визер ќе достигне тринаесет. Ќе се зголеми и бројот на летови до постоечките дестинации“.

На прес-конференција на скопскиот аеродром „Визер“ денес го најави пристигнувањето на вториот воздухоплов за нивната база во Скопје. Новиот воздухоплов „Ербас А320“ ќе пристигне во Скопје на 16 април 2014 година со што вкупната инвестиција на „Визер“ во базата во Македонија ќе достигне 160 милиони долари.  Новиот воздухоплов ќе сообраќа на вкупно 13 линии од Скопје и ќе го зголеми капацитетот на слободни места за 2014 година на повеќе од 685.000 илјади седишта.

Зоран Крстевски, директор на „ТАВ Македонија“, компанијата што оперира со двата македонски аеродроми ја поздрави одлуката за воведување нови летови на „Визер“ и истакна:

„Оваа година е навистина успешна за „ТАВ Македонија“. Имаме вкупен раст на бројот на патници на двата аеродроми од 16.8 отсто и над 18 проценти на Александар Велики што е најголем во регионот. Во поглед на операциите на воздухоплови имаме севкупно зголемување од 8.8 отсто. Најпопуларни дестинации за македонските граѓани се Истанбул, Виена, Цирих, Лондон, Љубљана и Малме. Во првите два квартали од годината Александар Велики повторно доби највисоки коефициенти за квалитет на аеродромски услуги во анкетите што ги спроведува меѓународниот аеродромски совет“.

Ова укажува на фактот дека ниските цени придонесуваат кон развој на туризмот и отворање нови работни места, а ги стимулираат и деловните односи со странските пазари благодарение на големата побарувачка на нискобуџетни летови од страна на корисниците. „Визер“ најави и зголемување на летовите до веќепостоечките дестинации Базел Мулуз, Дортмунд, Ајндховен, Гетеборг, Малме и Минхен Меминген. Авиокомпанијата, исто така, најави и три нови линии до Брисел Шарлерои, Франкфурт Хан и Парис Бове кои најпрво ќе оперираат двапати неделно со почеток од 16-ти април 2014 година. Билетите за новите линии од Скопје се веќе во продажба по неверојатни цени од 1.199 денари и може да се резервираат на веб страницата на авикомпанијата.

„Македонските потрошувачи се исто толку ентузијастички настроени кон нашите ниски цени како и милионите патници на „Визер“ ширум Европа и пошироко. Остануваме посветени на македонскиот пазар и развојот на инфраструктурата на нискобуџетни летови, а како резултат на високата побарувачка на „Визер“ нискобуџетните услуги со задоволство би сакал да го најавам новиот воздухоплов на нашата база во Скопје. Со пристигнувањето на вториот воздухоплов, вкупната инвестиција на „Визер“ во својата флота во Скопје ќе достигне над 160 милиони долари. Со тоа ќе се стимулира пораст на работните места, а корист ќе имаат и потрошувачите бидејќи со нетрпение очекуваме да донесеме уште повеќе нискобуџетни линии во Македонија.“ – рече Џон Стивенсон, извршен потпретседател на „Визер“.

Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски на Република Македонија, изрази задоволство што „Визер“ ги проширува своите операции во Скопје и изјави:

„Ме радува фактот што Њизз Аир ја препозна Македонија како поволна дестинација. На тоа укажува и растот на бројот на патници на Александар Велики што е најголем во регионот. Следејќи го досегашниот успех Њизз Аир ќе постави уште еден нов воздухоплов во Скопје со што инвестицијата ќе достигне околу 160 милиони долари. Освен тоа, превозникот ќе ја зголеми фреквенцијата на досегашните летови што го нагласува добриот развој на компанијата во Македонија.“

OhridNews