Расфрлано ѓубре, градежен шут и тешкоразградлив и опасен отпад се само дел од сликите кои можат да се забележат на повеќе локации во градот, а кои сведочат за ниската еколошка свест кај поединци.

Наши сограѓани со допис до OhridNews реагираат дека веќе подолг временски период, покрај улицата „Марко Цепенков“ во Охрид, расфрлана е поголема количина на стаклена волна.

Како што гледате на фотографиите на улицата „Марко Цепенков“ на потегот помеѓу двете авто перални каде е формирано диво патче спрема болницата, некој наш сограѓанин си зел за право да го депонира своето ѓубре одма до тротоарот. Се работи за стаклена волна која е екстремно опасна по здравјето на луѓето кои доаѓаат во контакт со истата. Исто така, оваа материја е еколошки неразградлива во краток временски период.“ – реагираат охриѓани.

И оние кои секојдневно поминуваат и се рекреираат во близина на каналот Студенчишта, велат дека сликата на овој потег е запрепастувачка.

На излезот од каналот Студенчишта преку Хидробиолошки до магистралата, расфрлан е најразличен отпад. Пластика, амбалажа, шишиња, но и шприцеви и презервативи. Глетката е ужасна.“ – велат охриѓани.

Нови мини-депонии можат да се забележат и покрај патот кој води до манастирскиот комплекс „Св. Наум“, како и на самите плажи покрај езерото.

Како што велат нашите соговорници, и покрај бројните едукативни настани за младите на тема екологија, сите овие слики говорат за нискиот степен на свест кај населението.

Ве молиме да преземете мерки за пронаоѓање на оние кои отпадоците ги одлагаат каде што ќе стигнат. Се надеваме дека сметот и стаклената волна, ќе бидат отстранети од надлежните во насока на заштита на човековата околина.“ – велат охриѓани во дописот до OhridNews.

Научната јавност, екологистите, но и самите граѓаните, постојатно реагираат на децениските проблеми со кои се соочува охридскиот регион, наведувајќи дека природата од ден во ден ја губи битката со човекот.

О.Т.