Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, денеска присуствуваа на официјалното предавање на 33 нови полициски мотоцикли и комплетна заштитна опрема, обезбедени од РСБСП за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Министерот Тошковски истакна дека оваа набавка е уште еден конкретен резултат од успешната соработка меѓу МВР и РСБСП, институции кои имаат заедничка цел – континуирано унапредување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви на патиштата.
Денеска не зборуваме само за 33 нови мотоцикли и опрема, туку за дополнително зајакнување на капацитетите на сообраќајната полиција и за уште еден чекор кон побезбедни патишта. Ова е пример како треба да функционира меѓу институционалната соработка – со конкретни проекти и резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат. Заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата продолжуваме да вложуваме во опрема, технологии и превенција, затоа што безбедноста на секој учесник во сообраќајот е наша заедничка одговорност, истакна министерот Тошковски.

Со проектот „Безбеден град“ веќе покажавме дека современите технологии, доследното спроведување на законите и одговорното однесување на граѓаните можат да донесат вистински промени во сообраќајната култура. Резултатите што ги бележиме во намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица ни даваат дополнителен мотив да продолжиме со уште поголем интензитет. Но, сакам да потенцирам нешто што е многу поважно од секоја статистика – зад секоја бројка стои човечки живот, нечие семејство, нечие дете, родител или пријател. Ако со сите овие мерки, со новата опрема, со ‘Безбеден град’ и со нашата секојдневна работа успееме да спасиме макар и еден човечки живот, тогаш секој вложен денар и секој вложен напор вределе. Тоа е суштината на нашата работа и најголемата мотивација да продолжиме, порача Тошковски.

Во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет и оваа година наменува дел од средствата за опремување на организациските единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола. Со набавката на 33 полициски мотоцикли и комплетна мотоциклистичка опрема, во вкупна вредност од 16.845.561 денари, значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање на сообраќајот и унапредување на безбедноста на патиштата. Овој пример уште еднаш ја потврдува вредноста на меѓу институционалната соработка, истакна Ангеловски.
OhridNews











