Синоќешното невреме кое го зафати охридскиот регион, проследено со силен ветар од околу 80 километри на час, донесе нови проблеми за охридските угостители. Силните бранови дополнително ги оштетија терасите на крајбрежејето чии сопственици се обидуваа да ги санираат последиците од претходното големо невреме од 17 март.
– Сношти беше пострашно, брановите силно маваа. Во еден дел од објектот имаше вода и не можевме да примаме гости. Платформата е скршена. Беше ужасно, не дај боже пак да се случи вакво нешто. Да беше попразно езерото немаше да има вакви штети. Немоќни бевме да направиме нешто, вели Тони Крпалески, угостител.
Штетите од синоќешното невреме ги срушија надежите на угостителите дека терасите ќе можат да се подготват за претстојните Велигденски празници кога во Охрид традиционално се очекува голем број гости.
– Почнавме да поправаме за да се спремиме за Велигден, но вчера пак невреме и платформата се оштети. Штетите се големи, со сопствени сили тешко дека ќе ги извршиме поправките. Без да се намали нивото на водата барем за 50 см исти проблеми ќе има, но најважно е да нема човечки жртви. За платформите сите немаме дозволи, но од друга страна и плаќаме комунална и урбана такса на општината, па треба со владата барем делумно да поможат. Ова е и божја опомена да не се чепка кај што не треба. Сите ние не се надевавме на вакви нешта и се пуштивме малку понапред и понапред и ова ни е втора опомена, третата не знам што ќе биде, вели Љупчо Патчев од ресторанот „Далга“.
Од Центарот за управување со кризи велат дека освен штетите, на терасите од угостителските објекти во стариот дел од градот и во Канео, не се евидентирани други поголеми последици од невремето.
– Се очекува зголемен прилив на вода преку реките Сатеска и Коселска во охридското сливно подрачје, но во моментов може да се каже дека нивото на водата и во двете реки е исто како и претходните дена и не се очекуваат поголеми проблеми. Нивото на подземните води исто така е зголемено, но до сега освен одредени состојби во Пештани на други места нема манифестација на штети од подземни води. Без поголеми врнежи, иако е отежната, функцијата на колекторот е во прифатлива состојба, вели раководителот на ЦУК Охрид, Митко Темелковски.
Темелковски информира дека и покрај помалите оштетувања на патот кон Св.Наум, кај Пештани, овој патен правец функционира непречено и се очекува наредните денови штетите да се санираат.
Во реката Црн Дрим утрово, според податоците на ЕЛЕМ, се испуштаат околу 45 метри кубни што е значаен испуст и со попатно примање на дел од водите од Сатеска кои се пренасочени кон Црн Дрим во глобочичката акомулација влегува значаен воден биланс кој во моментов, поради котата на Глобочичко езеро, мора да има контролиран прилив кој во моментов не претставува посериозна опасност за патот Струга- Дебар.
OhridNews




















