Уште неколку нови авионски линии до познатите светски метрополи ќе субвенционира Владата на Република Македонија во наредниот период. Премиерот Никола Груевски вчера најави дека до крајот на овој месец или на почетокот на април ќе биде објавен јавен конкурс за барање понуди од авиокомпании за воспоставување на ваквите летови.

– Вршиме контакти со повеќе заинтересирани авиокомпании со цел да ги анимираме кога ќе излезе јавниот повик тие да се јават. Откако ќе го завршиме овој процес ќе објавиме јавен конкурс и ќе ја поканиме секоја заинтересирана компанија, претежно оние со нискобуџетни летови да аплицира. Засега има интерес, според она што го дознавам, и сметаме дека ќе се јават компании, и оти ќе има можеби шест или повеќе нови директни авиолинии. Тој тренд планираме да го одржуваме и во наредните години и да го зголемуваме, изјави Груевски.

Тој нагласи дека целта на овие субвенции е да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните и бизнисмените.

Македонија е мал пазар од два милиона луѓе и интересот е помал. Токму затоа Владата ќе се вклучи со субвенционирање. Тоа ќе биде важно за разој на туризмот и за поддршка на бизнисот, како и за сите граѓани кои ќе имаат потреба да отпатуваат во сранство, а сега се принудени да менуваат повеќе авиони, што ја зголемува цената на патувањето, рече Груевски.

OhridNews