Угостителите и другите правни лица кои пред своите објекти ќе сакаат да постават урбана опрема, во иднина ќе плаќаат пониски цени за закуп и комунална такса. Оваа одлука беше усвоена на 20-та седница на Советот на општина Охрид, која се одржа вчера. Според Програмата за поставување на урбана опрема, цената на закуп на метар квадратен ќе чини 250 денари во првата зона, 150 денари во втората и 100 денари во третата градска зона. Исто така ќе биде намалена и висината на комуналан такса од 10 денари на 7,5 денари.
Од Охридската локална самоуправа велат дека Програмата за поставување на урбана опрема во општина Охрид за прв пат е навремено донесена и со неа прецизно се утврдени локациите на кои истата ќе може да се поставува.
-Она што сакам да го истакнам е дека во изминатиов период имавме интензивна комуникација со угостителскиот еснаф од Охрид, така што прифативме и дел од нивните барања кои беа насочени кон корекција на цената за закуп на државното земјиште и комуналната такса. Локалната самоуправа ја зеде во предвид состојбата во која што тие се наоѓаат и на овој начин им излегува во пресрет. Се надеваме дека и од нивна страна и во полза на граѓаните на Охрид ќе бидат намалени цените на услугите во угостителството и тој круг ќе биде затворен, изјави Димитар Сапсески, секретар на Општина Охрид.
Пред десетина дена преку Јавно соопштение Општина Охрид упати апел до сите корисници на простор за поставување на урбана опрема, кои не ги подмириле обврските за 2013 година, да го исплатат својот долг кон локалната самоуправа до 6-ти март. Во соопштението се потенцираше дека за сите неплаќачи на овие обврски ќе бидат активирани издадените прекршочни пријави, а предметните локации нема да се земаат предвид во Програмата за поставување на урбана опрема за 2014 година.
Е.М