Како што и најавија, охридските советници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, по усвојувањето на дневниот ред, ја напуштија денешната седница на советот на општина Охрид, во знак на поддршка на притворените за настаните од 27-ми април.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков потенцира дека бојкотот на работата на советот ќе продолжи до ослободувањето на притворените лица.

– Остануваме доследни на поддршката за притворените уставнобранители од настаните од 27-ми април и ќе ја бојкотираме работата на Советот на општина Охрид сѐ до конечна слобода на притворените во политички монтираниот процес, рече претходно Пецаков.

Советниците од мнозинството очекуваат дека нивните колеги од опозицијата ќе ја преиспитаат својата одлука.

– Во име на СДСМ и коалицијата сакам да изразам жалење што колегите советници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ја напуштија работата на советот по носењето на дневниот ред. Се надевам дека колегите во иднина ќе ја преиспитаат својата одлука и дека ќе постапат конструктивно и разумно и активно ќе се вклучат во работата на советот и ќе ја оправдаат довербата на сите оние гласачи кои ги поддржале да работат во интерес на Охрид и на охриѓани, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Константин Георгиески.

Советот на општина Охрид, на денешната седница разреши и именува членови на управните и надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење на јавните претпријатија.

Советниците ја прифатија и предложената одлука за  надоместок на трошоци на организаторите на изборната кампања за избор на Градоначалник и членови на Советот на општина Охрид за локалните избори  во 2017 година.

Т.К.