Една од најмалите, според бројот на жителите општини во Република Македонија, Вевчани не престанува да ја изненадува домашната и меѓународната јавност. Не само што жителите сакаат да ви се пофалат дека живеат во засебна Република Вевчани, туку и се цврсти во намерата да воведат симболи и институции, белег на организирани држави. Откако веќе востановија свој пасош и своја национална валута – личник, сега ќе се позанимаваат и со меѓународна активност. За почеток, ќе отворат две дипломатски претставништва на нивната држава-посестрима Андора и на некогашниот град-држава Дубровник. Ваквата ексклузива, од првиот човек на општината градоначалкникот Цветомир Угриноски, први ја добија токму хрватски новинари, од студиската група, која од синоќа до 12 ноември е во посета на нашата земја, а ќе престојува во Вевчани, Струга, Охрид и Скопје, како и во винаријата “Стоби”.
– Веќе имаме изработено проект и се обезбедени средства, старата зграда на училиштето да ја преадаптираме и во неа да внесеме многу културни содржини, но и меѓународна дипломатија, за почеток со две Канцеларии за врски. Едната ќе биде за државата Андора – од триесетина илјади жители, другата за некогашната Млетачка Република, сега Дубровник, за што имаме остварено контакти со тамошниот градоначалник Андро Влахушиќ, информираше градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски.
Угриноски ги запозна хрватските новинари со проектите за забрзана урбанизација и осовременување на Вевчани.
-Го изградивме новото, веројатно најсовремено училиште во земјата, каде нема столче без компјутер и каде најверојатно вевчанските деца први во земјата учат од тач-табли. Градиме спортска сала, туристите веќе ги користат услогите на Коњичкиот клуб, за две-три години ќе имаме зимски спортско рекреативен центар. За туризмот во Охрид и Струга “ќе нема зима”, затоа што многу кусата летна сезона ќе ја продолжиме, речиси во текот на целата година. Најмалку 6 месеци во годината, на планината Јабланица – буквално над Вевчани има снег, на над 2.000 метри, потенцираше Угриноски.
Претпладнево, новинарите ги посетија Паркот и легендарните “Вевчански извори”, “Куќата на Михајло Пупин”, како и други атрактивни места, за што им зборуваше познатиот хроничар и уметник Анастас Ќушкоски.
Хрватските новинари, синоиќа имаа средба и со менаџментот на хотелот Дрим во Струга. Крсте-Крис Блажевски се осврна во врска со преземањата на, во моментов, најголемиот и најдобро уреден хотелски комперлекс во Струга.
-Веројатно сме еден од ретките, а можеби и единствен хотелски комплекс, сместен истовремено и на река и на езеро и на само 15 минути возење од аеродром. Со околу 200 супериорно опремени соби, 4 апартмани, 3 ресторани, Конгресна дворана и уште 6 помали конференциски простори – еден од дипломатски ранг. Национална бавча, спортски и останати содржини кои нудат можности за релаксација, удобност, спорт и забава, ги информираше новинарите Блажески.
Претпладнево хрватските новинари уште еднаш ја посетија Струга, при што, овој пат, беа во “Спомен домот на Браќата Миладинови”, каде имаа средба со директорот на “Струшките вечери на поезијата”, Мите Стефаноски и со писателот и главен и одговорен уредник на часописот “Бранувања” Петко Шипинкароски. Беа запознати и пријатно изненадени од култот што стружани го негуваат кон нивната славна историска личност, бискупот Штросмаер, издавачот на “Зборникот народни песни” од, исто така, славните струшки и македонски имиња – браќата Миладиновци.
Во текот на денешниот ден, хрватските новинари, ги разгледаа најзначајните споменици на македонска историја и култура во старото градско јадро, и се сретнаа со свои колеги од Охрид. На кусата средба во х. Инекс, новинарите разменија мислења за актуелните состојби во медиумската сфера во Хрватска и Македонија, како и за проблемите со кои се соочуваат новинарите и секако за слободата на медиумите и разните притисоци кои се вршат врз нив од центрите на моќ.
Хрватските новинари денеска остварија средба и со директорката на фестивалот “Охридско Лето” Елизабета Јанкуловска.
-„Охридско лето“ и врвните хрватски фестивали треба ја продлабочат и онака успешната соработка преку заеднички проекти, беше истакнато на средбата. Новинарите од хрватска се запознаа со програмата и настапите на врвните уметници и пројавија желба медиумски да помогнат за остварување на уште поголема соработка во областа на културата преку презентирањето на фестивалот во Хрватска и доближивање на хрватската култура во Македонија и македонската во Хрватска.
На средбата беше истакнато дека фестивалските изданија носат во Охрид околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. Изминативе години, како што рече директорката Јанкуловска, фестивалот Охридско лето се покажа како еден од најмоќните двигатели на културните дострели во Р Македонија. -Голем број уметници, кои и денес припаѓаат на светската елита, го прогласија Охрид за свој летен уметнички дом со што го афирмираа градот во интернационалните професионални кругови.-подвлече Јанкуловска.
Новирите пак кажаа дека самиот факт што Охридско лето е дел од семејството на Европската Асоцијација на фестивали е доволен доказ за неговата големина и ветија поддршка кон остварувањете на мисијата- културна Европа со заеднички врвни културни вредности.
Претставниците на влијателни медиуми во Хрватска, остварија средба и со првите луге од мешовитиот македонско-албански Комитет за заштита на Охридското Езеро Дејан Паноски, односно Аријан Мероли. Во елитниот хотел “Инекс-Горица” каде се сместени, тие имаа работен ручек со претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска, а работната вечера ја минаа во друштво на првиот човек на ХОТАМ, Дончо Танески.
На средбата со претставниците на општината, хрватските новинари ја презентираа идејата за поблиска соработка на Охрид со хрватскиот град Дубровник.
Непосредно пред тргнувањето на новинарите од Загреб, за нивната посета на Македонија и очекуваните ефекти, беа запознати актуелниот претседател на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ и поранешниот шеф на државата Степан Месиќ. Двајцата државници, ја реафирмирале идејата на Месиќ, од пред скоро една деценија, за збратимување на Дубровник и Охрид, градот во кој тогашниот шеф на хрватската држава, ја изнесе официјално и искажа лична подготвеност за нејзино исполнување. Степан Месиќ, во посета на Охрид беше и пред неколку месеци, кога се сретна со градоначалникот Никола Бакрачески. Месиќ изрази надеж дека конечно ќе дојде до реализација на неговата иницијатива за Охрид и Дубровник да станат и формално Градови пријатели. Актуелниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој претходно беше во официјална посета на Република Македонија, по повод патувањето на хрватските новинари во нашата земја, до организаторите испратил и лична порака, во која го поздравува гостувањето во Македонија, во функција на културното и медиумско доближување.
Од недела новинарите ќе престојуваат во Скопје, каде ќе имаат средба со хрватскиот амбасадор Златко Крамариќ, со членови од Заедницата на Хрватите во Република Македонија, како и професионална работилница во редакцијата на “Нова Македонија”. Ќе ја посетат и винаријата “Стоби”.
OhridNews