Според статистичките анализи на Министерството за правда спроведени во 2009, 2010 и првите шест месеци од 2011 година, во основните судови во Република Македонија се регистрирани 296 предмети во кои како тужители или тужени се јавуваат новинари за кривични дела „навреда“ или „клевета“.
– Од 145 завршени предмети, во девет е изречена парична казна. Во наведениот период по вкупно 114 предмети во однос на вкупниот број завршени предмети тужбата е повлечена, отфрлена, постапката е запрена или завршена со ослободување од казна или од обвинение, рекол министерот за правда Блерим Беџети на тркалезна маза за судската пракса со кривичните дела против честа и угледот, која се одржала деновиве во Скопје.
Тој посочил дека Комисијата на Министерството за правда во чиј состав се претставници на новинари, судии, јавни обвинители и научни работници, ја имаат дефинирано работната верзија на законските решенија во врска со оваа материја.
– Неопходно е да се уредат дефиницијата на навреда и клевета како деликт и да се почитуваат стандардите на Европскиот суд за човекови права. Потоа треба да се дефинираат основните начела на слободата на изразување и информирање, законитоста, правичноста, пропорционалноста и постапноста, како и пропишување на одговорност за новинари, уредници и за сопственици на медиуми, истакнал Беџети.
Според претседателот на Здружението на новинари на РМ Насер Селмани, во Македонија душевната болка на политичарите е многу поголема од обичните граѓани.
– Највисоките износи за душевна болка се изречени за претседател на држава и за министер за надворешни работи. Судската пракса од Стразбур покажува поинаков пристап. Носителите на јавни функции треба да бидат поотпорни на јавна критика затоа што извршуваат јавна функција. Тие треба да бидат свесни дека кога ќе седнат во тие фотељи нивото на критика ќе биде поголемо, изјавил во истата прилика Селмани.
Тој додал дека ќе се работи на подигнување на нивото на имплементација на судската пракса, како и на подобрување на условите за работа со новинарите.
– По првпат во изминативе 20 години се дискутира за проблемите на новинарите и за слободата за медиумите, нагласил Селмани, додавајќи дека во европските земји најголем дел од тужбите во врска со клеветата и навредата се отфрлаат како неосновани.
Инаку според податоците на судовите, најголемата казна изречена за клевета во Македонија е 32 илјади евра.