Против новинарот Зоран Божиновски покренато е обвинение со кое се товари за злосторничко здружување, за шпионажа и за уцена.

Имено, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека спровело истражна постапка против лицето З.Б., па по сеопфтно разгледување и анализа на прибраните докази, денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесен е Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка притвор поради постоење на основано сомнение дека обвинетиот сторил кривични дела и тоа злосторничко здружување, шпионажа  и уцена.

За овие кривични дела осомничениот беше гонет во текот на 2013 година, но поради неговата недостапност на органите на прогонот истрагата беше прекината и продолжи по екстрадиција на обвинетиот од Република Србија во Република Македонија на 21.04.2016 година.

Тој и претходно беше уапсен на 7-ми ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница на Интерпол, а според обвинението се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена според Кривичниот законик на Македонија.

Извесно време мина во екстрадационен притвор во Србија, по што е пуштен на слобода каде ја чекаше одлуката за азил.

Новинарот е еден од обвинетите во случајот „Шпион“, меѓу кои се главно сегашни и поранешни припадници на разузнавачката агенција, Управата за безбедност и контраразузнавање, како и Министерството за одбрана.

Во 2014 година беше донесена и пресуда за овој случај, а осудените се товарат дека се занимавале со шпионажа, но и со уцена на влијателни личности во Македонија од кои барале пари за да не им објават детали во јавност од нивните приватни животи.

OhridNews
Извор:„Макфакс“