Ќе се проширува листата на угостителски објекти за исхрана со нов објект Национален ресторан – меана, задолжително ќе биде ангажирањето на  домашен туристички водич од страна на странски туроператор кој ќе носи туристи во Македонија.

Ова го предвидуваат новите измени на законите за туристичка и угостителска дејност, со кои според владиниот портпарол со кои како што најавуваат од Владата, се даваат нови можности и поголем квалитет на услугите во областа на туризмот.

За новиот објект Национален ресторан – меана ќе се издава посебна ознака. За добивање на оваа ознака угостителскиот објект ќе треба во листата за јадења да понуди најмалку 70 проценти домашни традиционални јадења, додека кај вината и пијалоците 80 проценти треба да бидат домашни вина и други пијалоци. Надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект треба да содржи мотиви од домашната традиционална култура, народни инструменти, носии, покуќнина-садови и слично, персоналот треба да носи облека на која ќе има апликации и мотиви од традицијата како везени кошули или соодветна наметка со народни везови, додека музиката која ќе се изведува треба да биде изворна и чалгиска, со акустичен звук.

Барањата за добивање на оваа ознака ќе се поднесуваат до министерот за економија. Сите угостителски објекти кои досега се декларираа како национални ќе треба да поднесат барање за да ја добијат оваа ознака откако ќе се донесе законот.

Новите измени предвидуваат и странските туристички агенции кои носат туристи во Македонија во рок од 24 часа од часот на влегување во земјата да ангажираат домашен туристички водич преку склучување договор со Здружението на туристички водичи и придружници, туристичка агенција со лиценца А, туристичко биро или со физчико лице туристички водич евидентирано во регистарот кој го води општината.

 Доколку странскиот туроператор не постапи согласно оваа обврска предвидена е глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра за правното лице, додека за одговорното лице за оранизирната група на самото место ќе му биде изречена глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра.

Во делот на руралниот туризам, како што појасни портапролот, за куќите, становите и собите за издавање на туристи, од страна на физички лица во селските домаќинства ќе се врши категоризација и ќе се издава посебна ознака. За да ја добијат оваа ознака треба да имаат најмалку 10 соби, односно 20 легла, при надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект да употребуваат мотиви од традиционалната култура, народни инструменти, носии, покуќнини – садови и слично, топлите и ладни јадења, пијалоци и напитоци кои ќе се послужуваат да бидат домашни и еколошки производи, главно од сосптвено производство, а најмногу за 50 лица.

Измените предвидуваат и задолжително пријавување на субјектот кој врши туристичка дејност во регистарот на општината и кај Државниот пазарен инспекторат. Туристичката агениција која врши продажба на авио билети треба задолжително да има вработено лице со ИАТА сертификат и туристичките агенции задолжително треба да ги истакнат цените на туристичките аранжмани и поединечните услуги. Доколку се случи прекршок предвидена е глоба во износ од 800 евра за правното лице, глоба во износ од 100 евра и на одговорното лице во правното лице и глоба во износ од 200 евра на самото место на трговецот-поединец.

Меѓу измените е и пропишување постапка за легитимирање малолетни лица во угостителски објекти – кабареа и ноќни барови од страна на угостителите.

OhridNews