Според новиот директор на охридската Гимназија Зоран Трпески, кој на функцијата дојде деновиве, нема да има штрајк во најголемото средно ушилиште во градот  во понеделник, 2-ри февруари, што вчера преку соопштение до јавноста го најави синдикатот на СОНК во оваа образовна институција. Тој таквите најави ги оквалификува како шпекулации.

„До мене како директор на ОСУ “Св. Климент Охридски“ до овој момент не пристигнала ниту една лична изјава потпишана од барем еден професор вработен во оваа институција која согласно законот е обврска во случај на евентуален штрајк. 

Посочувам дека од претходно реализираните разговори со професорите констатирано е дека охридската гимназија нема да штрајкува. Од тие причини ги известувам учениците дека од понеделник 02.02.2015 наставниот процес продолжува нормално според утврдениот распоред на часови. Наставата ќе се одвива без никаков прекин и потребно е сите ученици да дојдат во училиште.“ – стои во писмената изјава на новиот директор на Гимназија Зоран Трпески.

Вчера, исто така преку соопштение, синдикалната организација при ОСУ „ Св.Климент Охридски“ , информираше дека бил одржан состанок на кој била донесена одлука според која од 2- ри февруари, понеделник, вработените во учлиштето се приклучуваат кон Генералниот штрајк во образованието во организација на СОНК.

Од синдикалната организација на охридската гимназија информираа дека е формиран штрајкувачки одбор кој до директорот доставил известиување со барање да се обезбедат соодветни услови за остварување на правото на штрајк на вработените.

OhridNews