Владата на Република Македонија донесе одлуката за дислокација на Клиничкиот центар, од постојната местоположба. Новиот клинички центар ќе се гради во Бардовци, блиску до постојната Психијатриска болница, изјави денеска на пресконференција министерот за здраство Венко Филипче.
-Знаете дека бевме многу блиску до почеток на изградба на нов клинички центар на постојната локација, но го послушавме гласот на граѓаните на народот, го послушавме гласот на стручната јавност, на асоцијацијата на архитекти, го послушавме гласот на лекарите, но и на здруженијата на пациенти и одлучивме дека последната локација не е најдоброто место за натамошно функционирање на Клиничкиот центар. Тоа место е загушено, на тоа место дури и со новиот проект немаше да се постигне добро сообраќајно решение, немаше да има доволно паркинг места и улицата „Водњанска“ и понатаму ќе останеше тесно грло, коешто лошо ќе ги служеше граѓаните, кои живеат во околината, но истовремено немаше да обезбеди добар пристап до болничката услуга за граѓаните. Но најважно од сè, тој проект немаше да обезбеди вистински модерен клинички центар, како што постои во развиените земји. Немаше да добиеме модерна зграда, а сакаме да добиеме модерна зграда, во којашто ќе имаме можност да дадеме интегрирани, модерни, здравствени услуги на сите граѓани на нашата земја, при тоа разгледувавме неколку локации, коишто се доволно големи да освен зградата за клиничкиот центар, се смести потенцијално и Медицинскиот факултет, понатаму соодветен истражувачки центар, па евентуално и кампус за сместување на студентите по медицина. Сакаме да добиеме еден систем, којшто на некој начин ќе биде мал медицински град, којшто лесно ќе биде достапен за граѓаните од Скопје, но и за граѓаните од целата наша држава, со соодветни пристапни патишта. -Таму каде што има некои пристапни патишта, но се планира да се направи нов пристапен пат кој ќе тргне од населбата Карпош и ќе води директно до тој дел. – рече Филипче.
Министерот за здравство истакна дека веќе се работи и на градење на систем на едукација на лекари, како во сегашните услови, така и во условите кога ќе биде подготвен за работановиот клинички центар.
-Истовремено работиме и на подобрување на сообраќајното решение во клиничкиот центар, каде што е сега, со Градот Скопје имаме изготвено едно решение за влез, како и за проток на возилата, ќе обезбедиме посебна лента за влез на Брза помош. Истовремено, на плацот кој беше предвиден за градба за кратко време, се надевам дека ќе успееме да направиме и монтажна катна гаража, со што ќе го олесниме протокот на возила во рамки на сегашниот Клинички центар. – додаде Филипче.
Тој објасни зошто е донесена одлука да се гради клинички центар на нова локација, иако претходната влада имаше потпишано договор за изградба на постојната локација за што има некои финансиски обврски.
-Искрено се надевам дека ќе има простор да преговараме со Банката на Советот на Европа, со која тој договор е потпишан, дека ќе успееме да направиме реаранжман на тој договор, дека ќе успееме да не ги платиме пеналите, кои се предвидени да се платат ако овој договор не се оствари. Но, истовремено сметам дека иако е поевтина инвестиција, на долг рок би била поскапа. Остануваат многу згради кои се стари, остануваат две згради со кои новиот клинички центар требаше да биде споен, кои се за реновирање. Дури кога ќе завршеше градбата на новата зграда и кога ќе се споеше со постојните објекти требаше да влеземе во следна фаза на реновирање и репарирање на останатите седум до осум стари згради на кои веќе им треба поправка на крововите и на внатрешната инфраструктура. Сметам дека поголема инвенститција, сега на почетокот, со цел да го решиме проблемот на квалитетна здравствена услуга во соодветна здравствена установа за граѓаните од цела држава на долг рок ќе биде всушност најевтина. Ова е еден капитален проект, со кој ќе го решиме проблемот на здравствена услуга во следните неколку децении. – појасни Филипче.
Запрашан дали новата локација, всушност е предложената од архитектите, Филипче истакна дека изборот бил направен во консултација, разговори и договори со Асоцијацијата на архитекти кои дале издржано, професионално мислење зашто сметаат тој Клинички центар треба да биде лоциран токму таму. Додаде дека дел од земјиштето касе се планира изградбата на новиот клинички центар е државно и има еден дел од урбанистичкиот план, но ќе треба да се преземат чекори за да се расчистат имотно-правните односи.
– Станува збор за парцела која што има големина од 84 хектари. Само за споредба, според постојната површина е 24 што значи сосем доволно место за еден голем и модерен Клинички центар и сосема доволно место за интегрирани услуги во модерен објект кој може да дозволи нов тип услуги, кој може да дозволи формирање на нов тип операциони сали, комерцијални интраоперативни процедури, нешто што во проектот за сегашниот Клинички центар не беше предвидено, рече Филипче.
Првичните анализи покажуваат дека инвестицијата би била околу 420 милиони евра, а изградбата ќе започне за година и пол до две години, а се предвидува изградбата да трае 4-5 години.
OhridNews