Градот под Самоиловата тврдина има создадено плејада талентирани уметници, кои на уникатен начин го презентирале Охрид пред светската јавност. Тој не е синоним само на природни убавини и туризам, туку и расадник од каде што израснуваат признати музички имиња.
Она што изминатата седмица крена „прашина“ како на социјалните мрежи, така и на светската музичка сцена, е несомнено новиот охридски музички виртуоз Мартина Блажеска. Нашата 17-годишна сограѓанка, со прекрасниот вокал и гитара, обработувајќи странски музички записи, започна да ги руши рекордите на гледаност на каналот Јутјуб.
„Гитара започнав да свирам на 14 години. Се заинтересирав после соло гитарски настап оддржан во моето училиште, едноставно бев импресионирана од инструментот. Набрзо ми стана опсесија. Не би можела со зборови да ја објаснам мојата страст кон музиката. Тоа е една длабока емоција која ме исполнува и ме прави она што сум сега.“ – вели новиот охридски виртуоз Мартина Блажеска.
Последниот видео-запис во кој Мартина ја интерпретира песната Virtual Insanity од Jamiroquai, е толку добро обработена што и официјалниот фејсбук профил на британскиот бенд ја сподели за своите обожаватели.
„После првите две преработки добив одличен фидбек. Имаат половина милион посетеност. Тоа ме мотивира и со задоволство се нафатив за трет кавер. Јутјуб е одличен начин за промовирање на млади музичари и може да помогне многу. Аудиото на каверот за Virtual Insanity е на Зоран Кречо. Видеото го снимаше Пеце Настевски. Навистина се забавувавме за време на снимањето. Успеавме да снимиме за 9 часа на неколку локации во Охрид.“ – вели Блажеска.
Блажеска вели дека инспирацијата ја црпи од светски познатите музичари како Џон Меер, Нора Џонс, Џејми Калум, односно од позитивните ликови со кои е опкружена околу себе.
„Секојдневното слушање на музика која ја сакам ме тера постојано да се инспирирам и мотивирам. Од македонските музичари дефинитивно инспирацијата ја црпам од Владимир Четкар и мојот професор Дамјан Пејчиноски.“ – додава Блажеска.
Мартина која е трета година во државното музчко училиште „Тодор Скаловски Тетоец“ – Струга, вели дека најголема поддршка ја добива од семејството, односно од професорите кои и помагаат вистински да навлезе во музичката уметност.
„Постојано не мотивираат и ни го пренесуваат нивното знаење на најдобар можен начин. Дамјан Пејчиноски кој е веќе познато гитарско лице на светската музичка сцена е мојот професор по гитара. Заедно работиме класична и џез гитара и навистина сум среќна што можам да напредувам и учам од Дамјан.“ – истакнува Блажеска.
Новиот охридски музички виртуоз, вели дека образованието и е на првото место, а се надева дека јавноста во иднина повторно ќе ја израдува со добра музика.
„Во слободно време излегувам со моите пријатели, читам книги, возам ролери или седам на интернет. За слободни активности имам малку време затоа што поголемиот дел од денот го поминувам на училиште и вежбам гитара.“ – вели Блажеска.
Мартина им порачува на сите млади уметници и творци, да останат природни и позитивни, односно да веруваат во она што го носат во себе.
О.Т.