Со давањето свечена изјава во Собранието на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и официјално ја презеде функцијата претседател на државата.
Откако ја положи заклетвата, новиот претседател на земјава, Стево Пендаровски се обрати пред присутните претставници на дипломатскиот кор, министрите, поранешните претседатели и високи државници од регионот, потенцирајќи дека ќе биде претседател на сите граѓани, а не само на оние коишто гласале за него. Првата работа којашто ќе ја направи, како што рече, е подавањето рака за соработка со опозицијата.
На инаугурацијата присуствуваа досегашниот претседател Ѓорге Иванов и претходниот шеф на државата Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма, првите луѓе на највисоките институции на државата, како и гостите- претседателите на Албанија Илир Мета, на Бугарија Румен Радев, Косово Хашим Тачи, Србија Александар Вучиќ, министрите за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос, на Црна Гора Срѓан Дармановиќ и други.
Столчето во Собранието предвидено за лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски остана празно. На свеченоста не беше присутен ниту премиерот Зоран Заев, кој честитки за инаугурацијата упати преку видео порака.
OhridNews
фото:Макфакс