Јасна Тренгоска, Александар Митревски и Вилијам Асиама се тим колеги и пријатели, кои изминатиов период по пат на препорака работеа на редизајнот на веб-порталот OhridNews. Овие тројца млади ентузијасти, кои на јавноста и се познати како организатори на првиот 24-часовен програмерски маратон Codefest оддржан на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид, зад себе имаат впишано бројни настапи на натпревари од државен и меѓународен карактер, меѓу кои WOWZAPP Hackathon for Windows, Microsoft Imagine Cup, Intel Future Competition, App To the Future Windows Phone Design Contest и други.

OhridNews: На почетокот, што всушност претставуваат Јасна, Александар и Вилијам, со оглед на тоа што изминатиов период македонската јавност доста често слушаше за вас?

Јасна: Јас сум Јасна Тренгоска од Македонски Брод. Од јули годинава сум дипломиран универзитетски инжинер во областа компјутерски науки и инжинерсто на информатичкиот универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Се занимавам со кориснички интерфејси и корисничко искуство (User Interface/User Experience), па оттука произлезе и интересот за дизајн и моето учество пред три години на Работилницата за идни млади дизајнери, организирана од VPA Creative во соработка со Мировниот Корпус и Црвен Крст. Понатаму следуваат низа проекти, во и вон рамките на мојот универзитет, како и неколку успешни настани и натпревари, програмерски маратони, и слично. Веќе две години активно се занимавам со работа на UI/UX на мобилни (smartphone) и веб апликации. Од септември минатата година ја имам титулата Microsoft Student Partner (MSP), со што сум дел од меѓународната студентска партнерска мрежа на Microsoft. Исто така сум и активен координатор на SITE, Microsoft студентски технички клуб, како и член на македонската мобилна корисничка група.

Александар: Јас сум Александар Митревски и сум од Охрид. Во јуни годинава дипломирав на факултетот за информациски системи, визуелизација, мултимедија, и анимација, на универзитетот „Св. Апостол Павле“, со титула дипломиран универзитетски инжинер. Имам неколкумесечно искуство во програмерската компанија Particles.mk, како и голем број на индивидуални и тимски проекти. Интересот ми е насочен кон роботиката и автономните системи, и токму тоа е и мојот избор за магистерски студии во Германија. Досегашното работно искуство ми е сконцентрирано кон веб проекти, претежно со користење на Microsoft технологии.

Вилијам: Јас сум Вилијам Асиама и доаѓам од Гана. Во Охрид сум интернационален студент, стипендист на Универзитетот за Информатички Науки и Технологии „Св. Апостол Павле“, и од септември ќе студирам во четврта година на Факултетот за комојутерски науки и инжинерство. Минатата година ми беше активно исполнета со работа на разни проекти и учество на натпревари, како и со организација на истите. Голем љубител сум на паметните мобилни технологии, па се обидувам да сум постојано во тек со новите технолошки достигнувања. Професионалните интереси ми се насочени кон истражување на паметни системи кои би можеле да се користат во секојдневието на луѓето, како и кон продолжување и развиваењ на соработката со мојот тим.

OhridNews: Како започна целокупната работа околу редизајнот на веб-порталот OhridNews и колку сте задоволни од конечниот изглед?

Јасна, Александар, Вилијам: Работата на редизајнот на веб-порталот OhridNews започна по пат на препорака од страна на Елена Додевска, реномирана и искусна графичка дизајнерка, дел од организацијата на Работилницата за идни млади дизајнери, за што и упатуваме голема благодарност. Понатамошната работа течеше во координација со тимот на OhridNews, за денес да се дојде до едно дизајнерско решение кое ја отсликува динамиката на порталот и се носи со модерните веб трендови.

OhridNews: Како течеше процесот на изработка и колку време ви беше потребно за да се дојде до конечното идејно решение?

Јасна, Александар, Вилијам: Иницијално предложеното дизајн-решение за порталот беше во голема мера прифатено, така да поголемиот дел од времето за изработка можевме да го искористиме за да се финализираат деталите и да се испробуваат варијатни на решенија за одредени елементи на порталот, со цел да се дојде до оптимизиран изглед. Конечното идејно решение го добивме после 2-3 недели од почетокот на работата.

OhridNews: Со оглед на тоа што повеќе дизајнери бевте ангажирани за оној графички дел од изработката на порталот, дали тимскиот дух е неопходен за еден ваков успех?

Јасна, Александар, Вилијам: Имајќи го искуството со тимска работа на претходни проекти и натпревари беше доста олеснителен фактор во изработката на еден ваков проект. Во нашиот тим улогите се глобално поделени и доста динамични: некој дизајнира, некој програмира, некој работи на двете или се вклучува каде што има потреба во моментот. Овој проект беше различен по тоа што се состоеше исклучиво од дизајнерско решение, во кое предноста беше тоа што сите можевме да го гледаме од различни перспективи и со тоа да дадеме свои идеи за целосна оптимизација.

OhridNews: Голем дел од читателите позитивно реагираат на новостите кои се вметнати во новиот дизајн. Дали добивте позитивна оценка од оние кои знаеа дека работите токму на овој проект?

Јасна, Александар, Вилијам: Воглавно не коментираме многу за проектите на кои работиме додека се во фаза на изработка, пред се поради професионалност. Добивме голема поддршка и доста позитивни критики од сите кои знаеа дека работиме на овој проект после неговото објавување, на наше големо задоволство. Особено им се допаѓа идеата за асоцијација на категории по бои – вестите одат во сината боја на OhridNews, спортот оди во зелено, забава во виолетово, итн… Ова го прави целиот портал лесен за снаоѓање и за паметење на категориите. Позитивно сме изненадени од прифатеноста на публиката, особено поради тоа што дури и оној дел на публиката кој потешко реагира и прифаќа промени, даде позитивна оценка.

OhridNews: Кои се вашите почетоци во дизајнерските води и што конкретно се крие зад вашето портфолио?

Јасна, Александар, Вилијам: Покрај успешно реализираната организација и брендирање на Codefest, за кој се надеваме дека ќе премине во традиционален програмерски маратон во Охрид, зад нас стои и изработката на еден поголем проект кој наскоро треба да стартува, а тоа е новинарската апликација  Notair. Notair е мулти-платформски проект кој ќе постои како телефонска апликација, апликација за таблет и веб портал. Се работи за концепт кој го нарекуваме “open-source journalism” (отворено новинарство), а деталите околу него ќе можеме да ги откриеме наскоро. Покрај самостојните проекти, зад нас стојат и неколку успешни веб сајтови за наши и странски клиенти, дизајни на логоа и слично.

OhridNews: Дали оваа професија е перспективна и колку често сте ангажирани на различни проекти кои се нудат на пазарот на трудот тука, и вон границите од земјава?

Јасна, Александар, Вилијам: Перцепцијата на оваа професија понекогаш е доста погрешна. За некоја личност да биде успешен дизајнер или програмер, не мора неопходно да работи во компанија или да биде врзана за физичко работно место. Интернетот денес нуди големи можности за самовработување, особено во нашата сфера, така да доколку се има интерес, веруваме дека секогаш може да се најде работа. Досега сме работеле и на наши и на странски проекти, и од досегашното искуство можеме да кажеме дека сме задоволни.

OhridNews: Конкретни планови за иднина. Продолжување со високото образование или борба со останатата конкуренција?

Јасна: Дефинитивно продолжување на магистерски студии, веќе се прават можни комбинации во таа насока. Во меѓувреме планирам да продолжам да работам, бидејќи навистина уживам во тоа и го работам она што го сакам. Верувам дека баланс на двете би бил идеална комбинација.

Александар: Следниов период ќе го посветам на доусовршување на магистерски студии во Германија, како што претходно напоменав. Планирам да го задржам текот со мојот тим, како и да е, така да се надеваме на успешни проекти и понатаму.

Вилијам: Од септември ќе бидам студент во 4-та година тука во Охрид, па следната година ќе ја поминам во понатамошна работа на проекти со тимот, како и во подготовка на дипломската работа. Се надевам дека во догледно време нашата тимска соработка ќе прерасне и на некое повисоко ниво.

OhridNews: Порака за сите млади кои би се одлучиле да направат чекор напред во „дизајнерските води“. Дали да ги следат своите соништа, без разлика колку оваа професија е профитабилна?

Јасна, Александар, Вилијам: Од наше лично искуство, веруваме дека некој може да успее и да биде упорен во нешто само доколку тоа е она што навистина го сака. Така да, сите кои себеси се гледаат во одредено професионално светло, треба да се насочат кон тоа и да го дадат максимумот во остварување на своите цели. Во денешно време побарувачката за дизајнери и програмери на светско ниво се зголемува, така да, шансите се тука, треба само да се пронајдат.

Воедно, на OhridNews му честитаме за новиот модерен изглед и на тимот му посакуваме многу понатамошни успеси во пренесувањето на (се надеваме само убави!) новости до публиката.

O.T.