Советот на општина Охрид денеска ја заокружи конститутивната седница, на која беше извршен избор на претседателот д-р Гордана Коњаноска. Со конкретна работа, советот ќе започне да се занимава од наредната седница, па и советниците и претседателот денеска беа воздржани во врска со актуелните случувања околу стопанисувањето со паркинзите во градот.

-Мислам дека не е поентата неопосредно после изборот да одговараме на вака конкретни прашања, за кои што секако ќе добиете одговор од тие кои што треба и тогаш кога ќе треба.-им изјави на новинарите Гордана Коњаноска-претседател на Советот.


Д-р Гордана Коњаноска

Координаторот на советничката група на опозицискиот Сојуз за иднината и д-р по сообраќајни науки, Томислав Тунтев, инаку член на советот и во минатиот состав, зборувајќи во лично име, истакна дека парзкинзите се во надлежност на локалната самоуправа и Советот не можел ниту да донесе одлука, ниту да влијае во изборот по ова прашање.

-Се надевам дека таа работа, ако не е завршена, ќе се заврши на најдобар можен начин. Од една страна не е логично да нема наплата во центраот на градот, посебно што се наближува туристичката сезона, тоа го нема никаде во светот. Од друга страна, како експерт во сообраќај морам да напоменам дека безбедноста на учесниците во сообраќајот, односно пред се на пешаците, велосипедистите и другите загрозени категории секогаш мора да биде на прво место, пред желбата за профитирање.-изјави Тунтев.


Д-р Томислав Тунтев

Локалната самоуправа вчера најави дека ќе го преиспита договорот за издавање на паркинзите во општина Охрид под концесија направен во мандатот на поранешниот градоначалник, оценувајќи го истиот како штетен.

OhridNews