Камен темелникот на новиот современ градски пазар ќе биде поставен околу новогодишните празници, информира секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески. Тој потенцира дека изминатите неколку месеци, по преземањето на власта од страна на новата локална самоуправа се работело на обезбедување на урбанистичко планската документација за изградба на објектот.
– Локацијата е чиста од сите товари, како што е легализација или решавање на имотно правни односи. Во текот на денот, јавното претпријатие Градски пазар се очекува да ја објави физибилити студијата на тендер за јавно приватно партнерство,а при крај е и тендерот за изработка на нумерички податоци за самата парцела, по што за десеттина дена се очекува да се пристапи кон изработка на проектот. Тоа значи дека се подготвува комплетната документација за да се дојде до решение за градба, изјави секретарот на општина Охрид.
Поединости околу самиот изглед на објектот ќе се објават подоцна, откако ќе биде објавен конкурс за избор на идејно решение за новиот пазарот.
Т.К.