Изградбата на новите автопати на делниците Миладиновци – Штип, во должина од 47 километри, и Кичево – Охрид во должина од 56 километри ќе започне од почетокот на идната година, најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на партиски форум во Штип, пренесува „Макфакс“.
Според Јанакиески, изградбата на овие два поголеми проекта, ќе значи ангажирање на голем број македонски градежни компании и работници.
„Одредба која е многу значајна за нас е тоа што во договорот стои дека минимум 49 проценти од извршените работи мора да бидат од страна на домашни компании и минимум 51 процент од лицата кои ќе бидат ангажирани да бидат македонски државјани, истакна Јанакиески пред присутните на форумот на ВМРО-ДПМНЕ „Реформи и процеси за подобра Македонија“.
Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев рече дека Источна Македонија по 69 години ќе добие нов автопат и дека благодарение на него ќе се подобри безбедноста на патувањето низ овој дел од државата и ќе се скрати времето на патување до главниот град.
„Со оваа делница ќе го доближиме Скопје до Источна Македонија и ќе ја подобриме безбедноста во сообраќајот бидејќи делницата Штип – Велес е црна точка на македонските патишта. Ќе имаме заштеди во време и финансиски средства, а важно е и тоа што индистриските зони ќе станат попривлечни за странските инвеститори бидејќи патната инфраструктура е пресудна за нив“, рече Захариев.
Според претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Сеад Кочан, изградбата на овие делници ќе значи продолжување на експанзијата на градежништвото во Македонија.
„Градежниот сектор ќе продолжи да биде двигател на македонската економија. Само во последната година имаме 10 илјади нови вработувања. Со овие проекти очекуваме уште неколкукратно зголемување на бројот на вработувања. Покрај градежниот сектор ќе се активираат и други сектори така што на среден рок ќе се зголеми потрошувачката моќ на граѓаните, а на долг рок ќе имаме поврзување на источниот и западниот дел на државата со главниот град со што ќе се очекува поефикасно снабдување на пазарите“, рече Кочан.
Инвестицијата на автопатот од Кичево до Охрид изнесува 376 милиони евра, а од Скопје до Штип 206 милиони евра. Од Министерството за транспорт и врски очекуваат во текот на овој месец да бидат склучени договорите.
OhridNews
извор:„Макфакс“