Градбите кои се издигаат на Плаошник се видливи од голема далечина. Со габаритот тие речиси доминираат на југозападната страна од калето, а се’ уште не се готови. Во моментов на Плаошник во тек е изградбата на музејски комплекс и резиденција на МПЦ.

Надлежните институции задолжени за заштита на културното наследство, уверуваат дека предвидените градби нема да го нарушат амбиентот на просторот каде е изградена Свети Климентовата црква Св. Пантелејмон, иако забележливо е дека новите објекти по обем ја надминуваат нејзината големина. Загриженост не чувствува ниту локалната самоуправа, од каде уверуваат дека се што се гради на Плаошник е во согласност со урбанистичките планови и законите.

-И самата црква на Плаошник кога се градеше имаше некои недоразбирања. Тогашните бетони и купови од смет прераснаа во храм со кој сите ние се гордееме и ве уверуваме дека и овој проект ќе биде убав и со него ќе се гордееме како град.- истакнаа неодамна од локалната самоуправа.

Кон Плаошник по заобиколен пат околу Самоиловата тврдина секојдневно оперира тешка механизација која работи на изградба на резиденцијата на МПЦ и музејскиот комплекс, кои се само дел од десетината објекти кои треба да никнат на просторот на кој се наоѓа црквата Св. Пантелејмон во која почиваат дел од моштите на Св. Климент, турбето на големиот турски великодостојник Синан Челеби и базилики со вредни мозаични подови.

Според проценките, изградбата на комплексот на Плаошник ќе чини околу 24 милиони евра.

OhridNews