Претставници од Управата за заштита на културното наследство и Центарот за истражување на предисторијата–Скопје, утре, 13-ти јуни, кај Заливот на коските, ќе ја најават новата археолошка кампања на подводни и дендрохронолошки истражувања. Имено, на локалитетот „Плоча-Миќов Град“ (Залив на коските) кај Градиште во Охрид, којшто претставува предисториска наколна населба, во текот на следниов месец ќе се реализира ново археолошко истражување кое е во рамките на меѓународен проект во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата-Скопје, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј–Охрид.
Во проектот за првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба.
Почетокот на истражувањето со свои обраќања ќе го означат д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, д-р Алберт Хафнер, професор на Институтот за археологија при Унивезитетот во Берн и д-р Гоце Наумов, раководител на истражувањето. Пред медиумите ќе биде презентиран планот на истражувањата, а ќе се демонстрираат и нуркачки активности на археолозите вклучени во проектот–истражувачи и студенти од Швајцарија и Македонија.
Настанот е во рамки на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.
OhridNews












