Свечен новогодишен концерт во Охрид организира НУ „Охридско лето“ со италијанскиот пијано виртуоз Франческо Барбаџелета и шпанскиот тенор Рамирез Дроз Реиналдо Елаис.

Оваа година ја заокружуваме со музика што возвишува. На нашата сцена ќе блеснат двајца исклучителни уметници: Франческо Барбаџелета – италијански пијано виртуоз со беспрекорна техника и емоционална длабочина што ја претвора секоја нота во чиста магија и  Рамирез Дроз Реиналдо Елаис – шпански тенор со впечатлива моќ, топлина и драматичен израз што остава без здив, информираат од НУ „Охридско лето“.

Публиката, посочуваат, ќе ужива во вечни дела и арии како La donna è mobile, Pourquoi me réveiller, Nessun dorma, интермецата од Manon Lescaut и Madama Butterfly, како и незаменливите канцони Mattinata, Torna a Surriento, Non ti scordar di me, Mamma и O sole mio.

Влезот е бесплатен – наш мал подарок за верната публика. Благодарни сме за вашата доверба, љубов и поддршка низ годините. Со музика, радост и уметност која трансформира ја затвораме 2025 и поттикнуваме надеж дека новата година ќе донесе уште повеќе инспирација и културен развој, додаваат.

Концертот ќе се одржи на 20 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот.

OhridNews