По примерот на светските метрополи, каде за време на божикните,и новогодишните празници често се организираат улични концерти, и учениците од струшкото средно музичко училиште „Тодор Скаловски- Тетоец“ организираат концерт на отворено, наменет за стружани и гостите кои ќе престојуваат во градот за време на празниците.

Концертот се одржува втора година по ред и како што потенцираат од училиштето, целта е традиционално да се одржува секоја година на крајот од месец декември.

– На овој начин сакаме да покажеме дека ова училиште постои во Струга и дека во него се школуваат голем број талентирани млади луѓе. Минатата година за прв пат го организиравме концертот, кој наиде на добар прием кај граѓаните, па затоа се одлучивме повторно да го организираме и тој традиционално да се одржува секоја година,  вели професор Бесник Истреми.  

Во организацијата на концертот се вклучени поголемиот број од учениците- дел од нив ќе настапат, а останатите се вклучени во подготовките. Како гости, ќе  учествуваат и ученици кои минатата година матурирале во ова музичко училиште .

Концертот ќе се одржи на 29- ти декември со почеток во 12 часот на терасата од хотел Београд, во центарот на Струга.

Т. К.