Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа, вели во новогодишната честитка до граѓаните претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
– Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година. Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби. Овие празнични мигови ви посакувам да ги поминете достоинствено и спокојно, со луѓето кои најмногу ве сакаат, почитуваат и чуваат, се наведува во честитката на Иванов.
Со честитка до граѓаните на Македонија и премиерот Зоран Заев.
„ Ја градиме Македонија да биде богата и современа држава, во која сите граѓани ќе имаат пристоен живот и благосостојба, за себе и за своите фамилии. Земја на инвестиции и модерна инфраструктура, земја на солидарност и заедништво, каде сите ќе се почитуваме меѓусебно и ќе си помагаме. Додека ја испраќаме 2018 година, во пресрет на деновите кога низ целата земја се собираат семејствата и пријателите за да се прослават празниците, да се подготвиме за моментите исполнети со радост, задоволство и просперитет на секој план. Направивме чекори кои овозможија сега тоа да зависи само од нас, наведува премиерот Заев.
Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите останати, имаме исти проблеми, но и заеднички сон за подобра иднина. Македонија ќе оди во Европа, но европеизацијата мора да тргне преку однесувањето и промената на принципите дома и веднаш. Македонија ќе биде економски успешна, затоа што народот е домаќински, работлив, вреден, и народот ќе се избори за убаво и светло секојдневие, се наведува во новогодишната честитка на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
- Што посакувам? Успеси! Се разбира. Посакувам Македонија да успее! Посакувам новата година да ви биде бериќетна, со добро здравје и семејна среќа. Посакувам исполнување на желбите и бидете свои, единствени, со крената глава. Нека изгрее зората која ќе донесе ново утро, нова надеж и подобри времиња за сите граѓани на Македонија!“ се наведува во честитката на Мицкоски.
OhridNews