Иако беше предвидено да се избере и претседател на градскиот совет, како што беше најавено, тоа ќе се случи на некоја од наредните седници .
Пред советниците се обрати градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески кој потенцира дека од особено значење е советот да носи одлуки во интерес на граѓаните и градот и дека заедничката соработка помеѓу советот и градоначалникот ќе го детерминира идниот развој на Охрид.
– Советот е место за размена и бранење на политички платформи и идеи, место на кое сопствената и политичката култура ќе биде препознаена како професионална и како одраз на граѓаните кои не избрале. Затоа не смееме во одбрана на сопствениот и партиски став и мислење да излеземе од рамката која ни ја зацртаа и трасираа граѓаните, а тоа е да ги заштитиме нивните интереси и да одбереме прогрес и развој на општината, рече градоначалникот Бакрачески.
Тој додаде дека поставувањето на принципи на современото управување и донесување одлуки мора да има една цел- да одговори на модерните форми на менаџирање со општината и да овозможи подигнување на квалитетот на живеењето на граѓаните.
– Пред нас доаѓаат четири години во кои секој од нас посебно, но и сите заедно ќе оставиме белег на времето кое ќе биде забележано во историјата на градот. Само од нашата професионалност, посветеност и искреност зависи дали тој белег ќе биде позитивен или не.Очекувам дека ќе направиме дела и ќе сме горди на сработеното, им се обрати на советниците Бакрачески.
Според освоените гласови на локалните избори, во новиот состав на 23- члениот совет се 12 советници од коалицијата За подобра Македонија , Сојузот за иднината има осум советници, а дел од советот на општината се и носителите на независните листи, Љупчо Настоски, Павел Попоски и Кујтим Усеини.